Андријана Мациев, очи в очи со канцерот: Не се борам со животот, го живеам со полна пареа!

За канцерот се мисли дека е болест која завршува со смрт, но ликовната уметница Андријана Мациев смета дека тоа е состојба на телото, духот и умот, дека канцерот доаѓа да нè освести и да се свртиме целосно кон себе. Разговараме со уметницата Андријана Мациев, жена-борец пред која симнуваме капа. 

На младата и талентирана ликовна уметница Андријана Мациев, која на ликовната сцена е веќе десетина години, пред шест месеци ѝ бил дијагностцициран канцер на дојка, кој појавил и метастази на коски, на црн дроб, со неиздржливи болки, состојба во која мислите дека нема излез. Примила осум хемотерапии, десет зрачни терапии, а пред неа се и други испитувања и терапии. Борбената Андријана останува полна со животна енергија и оптимизам, секогаш насмеана и подготвена да се соочи со предизвиците, а позититвноста, вели, ја добива и од ќеркичката, од мајка ѝ Јулија, од домашните миленици, од пријателите.

Во меѓувреме, на социјалната мрежа Фејсбук, се активираше група „Уметниците за Андријана Мациев“ каде бројни еминентни академски сликари и ликовни уметници ги постираат своите избрани уметнички дела кои се достапни во продажба по многу прифатливи цени, за сите кои ја сакаат уметноста и кои, се разбира, сакаат да ѝ дадат поддршка на Андријана во борбата со канцерот. Приклучете се и вие на оваа хумана акција!  (линк -ТУКА). 

Кога човек е здрав, среќен, исполнет нема место во неговиот живот за неважни работи, за тага, за болка за било какви нешта кои не му служат.

Како си Андријана, со какви здравстени предизвици се соочуваш токму сега? Што те радува, што те мачи?

– Благодарам на прашањето, навистина сум добро иако кога ќе прашате некој што се лекува од канцер, тешко е да даде одговор. Јас веќе извесен период се чувствувам добро, најважна ми е психичката состојба. Физички болки сè уште има во телото, за среќа се со помал интензитет и во граници на издржливост.

Пред шест месеци ми беше дијагностициран канцер на дојка, со метастази на коски, црн дроб, со неиздржливи болки, состојба во која мислиш дека нема излез. За канцерот се мисли дека е болест која завршува со смрт, јас сметам дека тоа е состојба на телото, духот и умот. Тој доаѓа да нè освести и да не врати кон нашето битие, да се свртиме целосно кон себе. Повторно да се родиме и овој пат со цела своја сила да го живееме животот, кој ни е дар од Бога.

За овој период примив 8 хемотерапии, 10 зрачни терапии, и како одминуваше времето јас бев сè подобра, почнав да функционирам самостојно. Да ги извршувам своите обврски во домашни услови секако, бидејќи овој период сум постојано дома, почнав да сликам, можам со моите миленици да поиграм во дворот, па дури и да зготвам. Кога ќе ја почувствуваш силата од внатре, тогаш сè станува многу полесно. Сè уште следат испитувања, и друг вид терапија уште одреден период, но јас знам дека од сето ова крајниот резултат е совршено здравје.

Сега, после завршување на хемотерапиите, се чувствувам слободно, среќно и спремна за новите животни предизвици. Силата е во секој од нас, за секој ден, за секој миг да му благодариме на Бога, да се радуваме и на најмалите работи и да си го цениме сопствениот живот. Кога човек е здрав, среќен, исполнет нема место во неговиот живот за неважни работи, за тага, за болка за било какви нешта кои не му служат.

Јулија, д-р Нино Васев и Андријана

И покрај потешкотиите со кои се соочуваш, секогаш си насмеана и полна со позитивна енергија, од каде ја црпиш таа енергија, силата, борбеноста?

– Јас сум среќна и благодарна што и во оваа состојба мојот ум остана здрав. Сакам да кажам дека ни мене не ми беше сеедно кога ја дознав дијагнозата. И јас како и многумина мислев дека е крај. Верувајте, кога ќе ја прифатите дијагнозата, состојбата во која сте се нашле, многу побрзо и полесно ќе продолжите понатаму. За себе велам дека сум секогаш полна со позитивност, насмеана, бидејќи така се чувствувам, таква и многумина ме познаваат. Енергијата на животот ја црпам од секоја клетка, од секое искушение кое е за мое добро, од моето семејство, мајка ми и ќерка ми, моите домашни миленици кои се во голем број, моите пријатели и блиски луѓе, од љубовта, од верата, од уметноста, од сознанието дека на овој свет сум со посебна мисија!

Научив дека кога ќе му се насмевнете на животот и тој вам ќе ви се насмее со широка насмевка, уште повеќе ќе ги отвори портите и ќе ве втурне во изобилство. Животот велат е борба или Бог ги дава најголемите битки на храбрите, но сепак јас не се „борам” со животот, јас го живеам со полна пареа и еден ден во детали ќе ја раскажам мојата приказна за дружбата со кaнцерот.

Колку, во последно време, ѝ се посветуваш на уметноста и кои теми најмногу те инспирираат?

– На ликовната сцена сум веќе десетина години. Минатата година требаше да го прославам мојот скромен јубилеј, но поради пандемијата и мојата здравствена состојба сè се одложи. За овој период имав прилика да си ги средам емоциите, да си ги сконцентрирам мислите на сè она што сакам да го правам, сè што ми е приоритет. Имав денови кога со големи болки седнував да сликам, нешто ме тераше одвнатре. Малку ми беше мачно бидејќи мојот темперамент кога сликам е доста активен, а сега бев статична. Но кога ќе се создаде едно дело, мотивот е уште поголем, силата сама доаѓа и сакам уште и уште да сликам. Сега веќе сум поактивна и работам скоро секојдневно зашто тоа ме исполнува, на платната ги испишувам своите мисли, искуства, моите соништа, ја подготвувам мојата изложба која ќе биде триумф за оваа година. Одбележување на 10- годишно активно работење и мојот нов живот.

Моите дела се познати по колоритните бои, апстрактните форми и силниот сензибилитет, акцијата и движењата на четката. Уметноста е една голема привилегија, дар кој веројатно само одредени личности го имаат како можност за себеизразување. Јас сум среќна што сум една од нив, одбрана!

Кој е најважниот совет што си го добила од мајка ти, Јулија, на кој постојано се навраќаш и го применуваш?

– Семејството е секако многу важно во процесот на излекување, на исцелување! Мајка ми веќе долги години работи како тренер за личен раст и развој, со голем број сертификати, техники за работа на себе, искуство во многу области. Ние веќе со години наназад утрата ги почнуваме со разговори и спознанија кои ни се случуваат. Постојано читаме, разменуваме мислења и совети, се надоградуваме во таа насока. Затоа за себе велам дека сум најсреќна што мојот ум остана здрав и во најголемиот животен предизвик! Бидејќи кога се соочувате со канцер најважен е умот, да остане здрав и целовит. Од мајка ми постојано добивам совети, секојдневно, впрочем како родител таа го сака најдоброто за мене. Работиме постојано, техники и методи за здрав живот. За безусловната љубов кон нас самите, за вреднувањето на личноста и поставувањето на граници. За изборот кој лично го бираме, здравје, љубов, работа, односи итн. За да бидеме здрави и среќни, треба да знаеме да поставиме здрави граници кога, каде и колку! Да се вреднуваме себе и да се засакаме онакви какви не создал Бог. Да се прифатиме со сите доблести и маани, и да работиме на нашиот ментален ум како би го надоградиле со животна енергија. И тогаш нашиот живот ќе тргне во нагорна линија. И тогаш ќе се почувствуваат сите убавини за кои можеби не сме биле свесни дека ни се на дофат на рака. Само така го имаме животот во сопствени раце и можеме да чекориме низ него, смело, храбро, во хармонија и баланс, во љубов!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот