Американскиот претседател во новиот предлог буџет ветува даночни олеснувања за семејствата, високи даноци за богатите и корпорациите

Фото: EPA-EFE/OLIVIER DOULIERY / POOL

Американскиот претседател Џозеф Бајден го објави предлог-буџетот за вториот мандат што сака да го добие на ноемвриските избори. Тој испрати порака до гласачите и им ветува: даночни олеснувања за семејствата, помали трошоци за здравствена заштита, повисоки даноци за богатите и корпорации, помал буџетски дефицит.

Минатата недела претседателот и неговите соработници генерално го соопштија предлог-буџетот, а денеска беа презентирани деталите.

Купувачите на домови би можеле да добијат даночен кредит до 10.000 американски долари, а 10 милијарди долари помош во аванс ќе им биде обезбедена на купувачите кои првпат купуваат домови.

Планирано е и зголемување на корпоративните даноци, а милијардерите ќе треба да плаќаат најмалку 25 отсто од приходите како даноци.

Бајден во говорот минатата недела рече дека здравствената програма Медикер ќе треба да добие моќ да преговара за цените на 500 лекови на рецепт, што ќе заштеди околу 200 милијарди долари во следните 10 години. Не беше прецизирано кои лекови ќе бидат предмет на такви преговори.

Важен дел од буџетскиот план е да им се помогне на семејствата да ги добијат основните потреби, со оглед на рекордната инфлација. Предлог-буџетот вклучува 258 милијарди долари за изградба или реновирање на два милиони домови и станови за да се олесни недостигот на станови што ги зголемува кириите.

Родителите кои заработуваат помалку од 200.000 долари годишно би имале пристап до државна грижа за деца, а повеќето семејства кои би се квалификувале за таа помош би трошеле не повеќе од 10 долари дневно.

Вклучени се и олеснување за студентски заем и 12 милијарди долари за универзитетите да развијат стратегии за намалување на трошоците.

Според предлог-буџетот, за одбрана се предвидени околу 900 милијарди долари. Ова вклучува помош за Украина, Израел и другите сојузници на САД, како и хуманитарна помош за Палестинците, средства за домашно зголемување на работната сила и ресурси за подобро обезбедување на јужната граница на САД, преку која мигрантите влегуваат од Мексико.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот