Американците ќе помагаат во справувањето со напливот на дезинформации на Балканот

Фото: Драган Митрески, 13.07.2020, ДИК

Иако обемот на руски дезинформации во изминатите месеци не може квантитативно да се измери, стручњаците се согласуваат дека зголемен е интензитетот на хибридните закани но и и начините на ширење на руски дезинформации во државите на Балканот

Земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија, имаат релативно ниско ниво на медиумска писменост и слобода на медиумите, подемот на сензационализмот и лажните вести се во пораст, а јавните гласила се соочуваат и со недостиг од интерес на публиката за вистинско разбирање на медиумите. Ова, меѓу другото, е и причината поради која специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, денеска ќе пристигне во земјата.

Иако обемот на руски дезинформации во изминатите месеци не може квантитативно да се измери, стручњаците со кои разговараше „Слободен печат“ се согласуваат: зголемен е интензитетот на хибридните закани но и и начините на ширење на руски дезинформации во државите на Балканот. Еден наратив, кој е особено тврдокорен и постојан од самиот почетокот на војната во Украина, е тоа дека ширењето на НАТО е причината поради која Русија, била принудена да го нападне Киев.

Според македонскиот безбедносен аналитичар Пецо Трајкоски, посетата на специјалниот преставник на Стејт департментот Рубин на земјава и регионот значи директна американска поддршка во напорите за справување со хибридните закани и дезинформативни наративи во државите кои доаѓаат однадвор.

Пецо Трајкоски – Безбедносен аналитичар

– Пристигањето на специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин во Македонија е голема поддршака за земјава но и за државите од Западен Балкан во однос на справувањето со хибридните закани, пропаганди и дезинформации. Поддршката која Македонија ја добива како земја членка на НАТО е повеќе од очигледна преку овој чекор а токму оваа посета говори дека САД се посветени да се справат со овој глобален проблем за кој не е имуна ниту една држава вклучително и нашата – вели Трајкоски.

Според него ова прашање е сериозно и истото спаѓа во делот на одбраната на земјата, бидејќи како што објаснува тој доколку ние како земја сме хибридно нападнати тоа не е само наш проблем, туки закана и останатите НАТО земји членки, вклучително и Америка.

– Убеден сум дека македонските но и регионалните институции имаат капацитети со кои може да се одвратат овие по мене безбедносни предизвици, предизвикани од лажните вести и дезинормации со кои се соочувуваме сите. Тоа е така бидејќи ние како земја аспирант на ЕУ веќе ги имаме усогласено политиките и наосоките на дејствување против овој условно речено лажен наратив кој доаѓа од Истокот, но во исто време сакам да истакнам дека и покрај се, ниту една земја вклучително и најмоќните не можат сами да се справат со овој глобален проблем. Токму затоа единствен одговор на овој светска проблематика е здружување на силите преку подигање на медиумската писменост во општествата, вложување во образованието, поголемо критичко размислување но и препознавање и вреднување на сите видови медиумски содржини – посочува Трајковски. Тој резимира дека справувањето со руската пропаганда е предизвик за сите влади во регионот.

Слично размислува и Жанета Трајковска од Институтот за комуникациски студии во Скопје. Таа вели дека посетата на Рубин на Западен Балкан е потврда на американското геостратешко позиционирање во овој дел на Европа.

Жанета Трајковска – Институт за комуникациски студии

– Во зона на интерес е на Америка да превзема одредени акции во насока на справување со дезинформациите на Балканот. Нормално дека дезинформациите глобално влијаат и ние како општество сме порозни на овие појави. Тоа, практично значи дека се отвора простор за ширење на руското влијание не е само на Западен Блакан туку и во земјите на ЕУ. Доѓањето на високиот преставник на САД во исто време пак наговестува дека некои политики ќе бидат зголемени во насока на зајакнување на системите за борба и справување со лажните вести. Сепак, носењето на политики не се доволни сами по себе да се предизвика било каков задоволителен ефект во борбата против манипулациите и малигните влијанија. За надминување на оваа состојба неопходно е да се работи со целото општество – посочува Трајковска.

Според неа потребен е сериозен пристап а тој како што објаснува таа е возможен единствено со вметнување на медиумската писменост како предмет за изучување во образованието од најмали нозе.

– Неопхофно е негување на критичкото размислување кај граѓаните но и фокусирање кон решавање на проблемот со повозрасните групи на граѓани како тие да ги препознаваат информациите на социјалните мрежи кои се вистинити а кои не се. Дополнително важно е да се напомене дека многу важна алатка доколку сакаме да заживее во целост овој процес е и активната и целосна транспарентност на сите процеси во земјава. Немањето транспарентност во работата на институциите кај граѓаните создава недоверба и остава простор во општеството за лесно ширење на странско влијание – заклучува Трајковска.

Инаку, специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, по вчерашната посетата на Подгорица, денес попладне се очекува да дојде во Скопје на разговори со македонските власти а главна тема на средбите ќе биде борбата против дезинформациите.

Рубин по средбите што ги имаше во Подгорица, изјави дека е убеден оти Црна Гора повеќе нема да се сврти кон Белград и Москва. На брифинг со новинарите изрази и уверување дека борбата против дезинформациите ќе биде приоритет на новата влада во Црна Гора.

Рубин, како што пренесуваат црногорските медиуми, оцени дека ќе биде тешко да се постигне напредок на Западен Балкан, ако руските дезинформации доминираат на тој простор. Тој посочи дека во Црна Гора има голем број портали кои шират дезинформации од Русија и Кина. На пример, информациите дека во Украина има фабрика за производство на биолошко оружје се лажни. Исто така, лага е дека САД сакале војна во Украина, рече Рубин.

Кој е Џејмс Рубин?

Американскиот специјален пратеник Џејмс Рубин, поранешен дипломат, портпарол на Стејт департментот за време на Бил Клинтон и „десна рака“ на поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт, деновиве е во посета на Западен Балкан. Тој доаѓа првпат по 23 години во регионот, а тема на посетата ќе биде влијанието на Русија, но и прашањето за дијалогот меѓу Белград и Приштина, спроведувањето на договорите постигнати во Брисел и Охрид, како и борбата со дезинформациите.

ФОТО: Џејмс Рубин и новинарката на „Си-ен-ен“, Кристијан Аманпур

Рубин смета дека ова е „време на голема надеж на Балканот“ и да се стави крај на конфликтите, но, оти ќе биде исклучително тешко. Тој е поранешен американски дипломат и новинар, а на јавноста и е најпознат како помошник државен секретар на САД за односи со јавноста во администрацијата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон од 1997 до 2000 година. Тој беше и главен портпарол на Стејт департментот и десна рака на тогашната државна секретарка Медлин Олбрајт. По заминувањето на Клинтон, тој се пресели во Лондон и работеше како не постојан професор по меѓународни односи на лондонската школа за економија. Тој беше член и на предизборниот тим на Хилари Клинтон во 2008 година, а потоа отиде во медиумската куќа „Блумберг“. Неодамна тој се врати во Стејт департментот откако државниот секретар Ентони Блинкен го назначи за специјален пратеник и координатор на Центарот за глобални прашања. Тој беше оженет со главниот меѓународен дописник и водител на Си-ен-ен новинарката Кристијан Аманпур со која има син.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот