Алесандро Микеле е новиот креативен директор на „Валентино“

Алесандро Микеле / Фото: EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Италијанскиот моден дизајнер Алесандро Микеле, кој беше креативен директор на модната куќа „Гучи“, е назначен за нов креативен директор на модната куќа „Валентино“, пишува „Гардијан“.

Микеле се повлече од „Гучи“ во ноември 2022 година и со оваа објава завршуваат многу шпекулации во индустријата за тоа каде ќе оди понатаму овој познат дизајнер.

Алесандро Микеле со неговите музи од периодот во „Гучи“ – Џаред Лето и Дакота Џонсон / Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Дизајнерот за својата нова улога во „Валентино“ рече: „Тоа е неверојатна чест. Чувствувам огромна радост и огромна одговорност да се приклучам на модна куќа во која зборот „убавина“ е врежан на колективна приказна направена од препознатлива елеганција, префинетост и екстремна грациозност“.

Микеле е „виновен“ за ерата на кич, максимализам, родова флуидност и гик шик во модата. Неговата естетика во „Гучи“ беше поларна спротивност на тивкиот луксуз што владееше во последно време. Хари Стајлс и Били Ајлиш беа обожаватели на неговите дизајни во „Гучи“, каде тој се приклучи во 2015 година.

Хари Стајлс и Алесандро Микеле на Мет гала во 2019 година / Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Микеле ќе го наследи Пјерпаоло Пичоли, многу саканата личност во индустријата, кој минатата недела се повлече од „Валентино“ по повеќе од две децении во брендот.

Микеле ќе ја започне својата нова работа следната недела, во седиштето на „Валентино“ во Рим. Неговата деби колекција за куќата, наводно, ќе биде на модната недела во Париз во септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот