Фото: МИА / илустрација

Аларм во земјоделството — сѐ повеќе жртви во несреќи со трактори, меѓу нив има и деца

Од 79 возачи на трактори лани настрадале дури 37, а годинава за четири месеци 19 возачи биле повредени или загинале

Слушај ја веста

За две години, во Македонија имало осуммина загинати и десетици тешко повредени луѓе во сообраќајни несреќи со земјоделска механизација. Експертите предупредуваат дека недостигот на обука и вклученоста на деца во работните процеси претставуваат сериозна опасност. Земјоделската механизација, која треба да биде двигател на модерното производство на храна, сè почесто станува причина за трагедии на македонските ниви и патишта. Најновите статистички податоци покажуваат загрижувачки бројки на загинати и повредени лица во несреќи во кои учествуваат трактори и мотокултиватори.

Во текот на 2024 година во сообраќајни незгоди со трактори настрадале 60 лица. Од нив петмина го загубиле животот, 17 се здобиле со тешки телесни повреди, а 38 со телесни повреди. Во 2025 година бројот на настрадани лица изнесува 49, при што три лица починале, 20 се здобиле со тешки телесни повреди, а 26 со телесни повреди. Само во првите четири месеци од 2026 година регистрирани се девет настрадани лица, од кои две лица со смртни последици.

Особено загрижува податокот дека најголем дел од жртвите се токму возачите на тракторите. Во 2024 година во сообраќајни незгоди учествувале 93 возачи на трактори, а 46 од нив биле настрадани. Во 2025 година од вкупно 79 возачи учесници во незгоди, настрадале 37 лица, додека во првите четири месеци од 2026 година седум од 19 возачи биле повредени или загинале.
Несреќи се регистрираат и со мотокултиватори. Во 2024 година биле евидентирани шест настрадани лица, а во 2025 година три лица, сите со тешки телесни повреди.

Професорот д-р Иле Цанев од Факултетот за земјоделски науки и храна предупредува дека безбедноста при користењето на земјоделската механизација мора да стане национален приоритет.

– Современата земјоделска механизација овозможува поголема продуктивност и поквалитетно производство, но истовремено бара соодветна обука, знаење и дисциплина при користењето. За жал, во практика често се соочуваме со ситуации во кои механизацијата ја управуваат лица без доволно искуство или без претходна едукација. Тоа директно го зголемува ризикот од несреќи и сериозни последици – вели професорот Цанев.

Земјоделството и понатаму останува една од најзначајните стопански гранки во Република Македонија. Во последната деценија околу 20 проценти од вкупно вработеното население е поврзано со земјоделски активности. За голем број граѓани ова не е основна професија, туку дополнителен извор на приходи.
Според последните податоци во земјава има околу 178.125 земјоделски стопанства, од кои дури 177.845 се индивидуални земјоделски производители. Само мал дел од нив ја вршеле дејноста како основно занимање, додека најмногу лица земјоделството го користеле како дополнителен извор на приходи.

Државниот завод за статистика наведува дека над 94.000 лица се сезонски ангажирани на индивидуалните земјоделски стопанства, покрај членовите на семејствата што работат на нив.
Во изминатите години преку државните програми за кофинансирање и ИПАРД-фондовите значително е обновен дел од земјоделскиот машински парк. Најголем дел од средствата биле искористени за набавка на нови трактори и современи приклучни машини за малите и средни земјоделски стопанства.
Сепак, според професорот Цанев, инвестициите во механизација не се доволни ако не се придружени со континуирана едукација.

– Неопходно е земјоделците редовно да посетуваат обуки за безбедно управување со механизацијата. Особено загрижува фактот што од година во година се зголемува бројот на малолетни лица што се појавуваат како директни или индиректни учесници во несреќи со земјоделски машини. Тоа е проблем кој бара институционален пристап и сериозна превенција – нагласува тој.

Земјоделското производство е директно зависно од временските услови, па најголем број несреќи се случуваат во пролетните и есенските месеци кога работните активности се најинтензивни. Во трката со времето често се занемаруваат безбедносните процедури, што доведува до превртување на трактори, неправилно користење приклучна механизација и сообраќајни незгоди на локалните патишта.
Стручните анализи покажуваат дека најчестите причини за несреќите се недоволната обученост на ракувачите, непочитувањето на безбедносните правила, несоодветното одржување на машините и употребата на механизација од лица што немаат потребни квалификации.

Нездравата исхрана и штетното земјоделство чинат 10 трилиони долари годишно

Зад секоја статистика стои човечка приказна, семејна трагедија или трајна последица. Затоа експертите се согласни дека покрај модернизацијата на земјоделството, државата мора да инвестира и во знаење, превенција и безбедност, со цел бројот на жртви и на повредени во земјоделскиот сектор конечно да почне да се намалува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот