Австриска полиција /Фото: EPA-EFE/MAX SLOVENCIK

Аларм во Австрија: Дали Тикток е новиот инструмент за регрутирање терористи?

Според шефот на ДСН бројот на исламистичките „лица со висок ризик“, радикализирани лица од кои потекнува најголемата опасност од напади се зголемил од двоцифрен на „ниска трицифрена“ бројка. Вкупно, низ Австрија, 650 лица во исламистичкиот контекст се под надзор.

Австриската полиција во средата објави дека на 10 февруари привеле 14-годишно момче со што спречиле терористички напад на железничката станица Вестбахнхоф во Виена. Само шест дена по ова апсење, во саботата на 16 февруари полицијата го уапси Сириецот Ахмад Г., кој во Вилах во име на „Исламската иржава“ (ИС) изврши напад со нож, во кој загина 14-годишно момче, а неколку лица беа повредени. Заедничко на двата случаи што ја вознемирија австриската јавност е Тикток платформата преку која се радикализирале двајцата осомничени што сега се во притвор.

Ахмад Г. наводно се радикализирал преку различни канали на Тикток и тоа во многу кратко време. Како што дознава Дер Стандард од безбедносните власти, Ахмад Г. исто така читал пропаганден материјал преку платформата Телеграм и соодветни веб-страници. Особено во деновите пред нападот, 23-годишниот Сириец наводно гледал многу видеа на интернет, кои на крај го поттикнале да изврши напад.

Во вториот случај за наводно планирање на напад на железничката станица Вестбахнхоф, Тикток веројатно игра уште поважна улога. Според информации на Дер Стандард, 14-годишното момче првично се интересирало за исламски содржини на платформата. Со текот на времето, на австрискиот државјанин со турско потекло му биле прикажувани сè повеќе радикални видеа – додека не се развило чувството дека можен терористички напад би го однел во рајот.

Момчето веројатно исто така споделувало соодветни содржини на Тикток за да ги импресионира своите следбеници и обожаватели. На пример, видеа на поранешен водач на ИС, проповедник што некогаш ја поддржувал Ал-Каеда. Постирал и видеоклипови од исламистичкиот терористички напад на францускиот сатиричен магазин „Чарли Ебдо“ на 7 јануари 2015 година.

На овој начин, полициските службеници го откриле момчето во текот на интернет-мониторингот. По објавите на Тикток, на 10 февруари следел претрес на неговиот дом. На изненадување на полициските службеници, тие откриле многу повеќе отколку што првично се очекувало.

Под надзор 650 лица

Ова 14-годишно момче, наводно имало прилично точен план за напад. Најдена е скица на кoja се гледа железничката станица Вестбахнхоф. Конкретно се прикажани пероните, U6, нож, мачета, зборот „куфари“ (неверници) и како е планирано бегството.

Истражителите при претресот, покрај исламистички книги, откриле и записи за состојки потребни за правење бомба. Материјал за реализација не бил пронајден при претресот.

Директорот на Дирекцијата за јавна безбедност (ДСН), Омар Хајави-Пирхнер, во средата навечер предупреди за генерално висока опасност од напади во Австрија.

Според шефот на ДСН бројот на исламистичките „лица со висок ризик“, радикализирани лица од кои потекнува најголемата опасност од напади се зголемил од двоцифрен на „ниска трицифрена“ бројка. Вкупно, низ Австрија, 650 лица во исламистичкиот контекст се под надзор, рече Хајави-Пирхнер, и го повтори барањето за надзор на шифрираните платформи за пораки.

– Ни требаат модерни истражни инструменти како во други држави – рече директорот на ДСН.

Иако Хајави-Пирхнер во студиото на ОРФ призна дека нападот во Вилах веројатно не би бил спречен со таков надзор, бидејќи напаѓачот го купил ножот во продавница.

– Колку конкретни биле плановите на 14-годишниот осомничен за напад на железничката станица Вестбахнхоф, може да се процени дури по завршувањето на истрагата – рече тој и укажа на тоа дека сè повеќе млади луѓе многу брзо се радикализираат преку Тикток и дека постои силнo влијание од странство, особено од Исламската Држава, Ал-Каеда и Хамас.

Решителни мерки против Тикток

И адвокатката на 14-годишниот осомничен, Ана Маир од виенската адвокатска канцеларија Офнер-Маир, укажува на тоа дека момчето се радикализирало преку Тикток, што се случува сè почесто, „бидејќи не се преземаат мерки за отстранување на радикалните содржини од таму“. Нејзиниот клиент, веројатно, барем од август 2024 година постепено развивал „фантазии што на крај не ги реализирал“.

Во моментов, Маир се обидува момчето да биде пратено во центар за дерадикализација. Се чека одобрение од јавното обвинителство за ова.

Во оваа насока оди и барањето на Јудит Пихрингер, кандидат на Зелените за изборите во Виена: – Колку уште примери, во кои млади момчиња се радикализираат на интернет, ни требаат за конечно да се преземат решителни мерки против Тикток? – праша таа.

– Фактот што 14-годишници стануваат потенцијални сторители е аларм – истакна шефот на виенската ОВП, Карл Махрер. Махрер повторно побара проширен надзор на разговорите против потенцијалните терористи.

Шефот на виенската ФПО Доминик Неп, го нарече спречениот напад „директна последица на неуспешната политика за интеграција и отворените граници, кои им отвораат патот на радикалните исламисти“. Тој побара итно затворање на „радикално-исламистичките џамии и здруженија“ и итно протерување на опасните лица.

14 годишник планирал напад врз железничката станица во Виена, полицијата го уапси

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот