Аларм од Литванија: Мерните станици за радијација во Белорусија не работеа неколку часа

По наводниот инцидент во белоруската нуклеарна електрана „Аставец“, мерните станици за радијација неколку часа не работеа, поради што податоците за следење на радијацијата во Белорусија не беа достапни, соопштија денеска литванските власти и побараа повеќе информации од Минск.

– Кон средината на денот мерните станици беа исклучени од мрежата, изјави Јулиус Жилиукас од литванскиот Радиолошки безбедносен центар.

Тој додаде дека немаат информации за што се работи, а мерните станици биле повторно вклучени и покажуваат нормално ниво на радијација.

Белорусија демантира дека се случил инцидент и тврди дека зрачењето е во нормални граници.

Белоруските медуми на 7 март објавија за дефект на разладниот систем во нуклеарната електрана „Аставец“, што се наоѓа на околу 50 километри од Вилнус.

Од пуштање во работа на првиот реактор на нуклеарната централа „Аставец“ во ноември минатата година се случија уште неколку инциденти. Но, белоруските власти во сите случаи или демантираа или признаваа дека нешто непланирано се случило откако невладини организации и активисти јавно објавиле информации.

Литванија тврди дека нуклеарната електрана финансирана од Кремљ, а изградена од руската државна нуклеарна корпорација Росатом, не е безбедна и оти е изградена кршејќи ги меѓународните безбедносни стандарди. Белорусија ги негира таквите наводи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот