Аксиос: Трага напредок во напнатите преговори меѓу САД и Иран, се ближи крајниот рок
Преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран постигнаа одреден напредок во последните 24 часа, но договор за прекин на огнот до крајниот рок поставен од претседателот Трамп – вечерва во 20часот источно време – сè уште изгледа малку веројатен, пишува Аксиос.
Препорачано
Ова е проценка на еден американски и еден израелски функционер и уште два извори запознаени со преговорите.
Еден американски функционер рече дека пристапот во Белата куќа се променил од прашањето „дали е ова изводливо?“ на „дали е ова изводливо до 20 часот вечерва?“.
Неуспехот да се постигне договор до крајниот рок, или барем да се постигне доволен напредок за да се убеди Трамп да го продолжи, би довел до невидена ескалација на конфликтот.
„Цела цивилизација ќе умре вечерва и никогаш нема да се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи“, порача денеска Трамп.
Од друга страна, Иран изјави дека ќе возврати со напад врз енергетските и водните капацитети во земјите од Персискиот Залив.
Главните пречки за договорот
Според изворите, клучните предизвици во моментов се исполнувањето на барањето на Иран за цврсти гаранции дека САД и Израел нема едноставно да ја продолжат војната по прекинот на огнот, како и бавното темпо на одговор од иранското раководство поради безбедносната ситуација. Во меѓувреме, се појавија спротивставени информации за состојбата на преговорите.
„Волстрит џурнал“ објави дека Иран ги прекинал директните комуникации поради заканите на Трамп, додека „Њујорк тајмс“ објави дека Иран се повлекува од разговорите. Иранскиот државен весник „Техеран тајмс“ ги негираше тие извештаи, а Аксиос не можеше да потврди дека Иран ги прекинал разговорите.
Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека само Трамп знае „каква е ситуацијата и што ќе направи“, додавајќи:
„Иранскиот режим има рок до 20 часот по источно време да одговори на предизвикот и да постигне договор со Соединетите Американски Држави“.
Во текот на изминатите две недели, САД и Иран разменуваа предлози и контрапредлози со посредство на Пакистан, Египет и Турција.
Потпретседателот Венс, претставникот на Белата куќа Стив Виткоф и советникот и зет на Трамп, Џаред Кушнер, се вклучени во преговорите. Виткоф, исто така, има директен канал за комуникација со иранските претставници, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи Абас Арагчи.
Поглед зад сцената
Во понеделник, Иран испрати контрапредлог до САД преку медијатори. Иако не се совпаѓаше со американските ставови, Белата куќа го сметаше за донекаде охрабрувачки, според американски функционер и друг извор запознаен со ситуацијата.
„Последниот предлог што го добивме не е баш она што го сакавме, но е значително подобар од она што го очекувавме“, рече американскиот функционер.
Извор запознаен со процесот изјави дека медијаторите потоа работеле со Иранците на измени и преформулирање на предлогот.
Опции на маса
Главната опција што се дискутира е серија мерки за градење доверба од двете страни, со цел повторно отворање на Ормускиот Теснец во замена за гаранции за прекин на војната. Се разгледува и 45-дневен прекин на огнот за да се овозможат преговори за поширок договор.
„Сè е поврзано. Примирјето дефинитивно е на маса“, потврди американскиот функционер.
Во вторник наутро, пред неговата заканувачка објава, Трамп им рече на блиските помошници дека преговорите со Иранците се „многу сериозни“, но дека не знае дали може да се постигне договор.
„Медијаторите вршат силен притисок. Разговорите се сериозни. Ќе ја почекаме одлуката на Иран“, рече еден од изворите.
Белата куќа вели дека Трамп сѐ уште не дал амин за предлогот за примирје со Иран


