Ако нема дело во предметот „Таргет-Тврдина“, не важи ништо од „бомбите“, вели Пендаровски

Стево Пендаровски фото МИА

Претседателот Стево Пендаровски смета дека судскиот предмет „Таргет-Тврдина“, кој неодамна скопска Апелација го врати на повторно судење, е клучен и оти ако во него нема дело, нема ништо и од тоа што следуваше или произлезе од него, односно од објавените разговори.

„Со години траеше процесот. Тоа е клучниот предмет. Може да застари, а сам по себе тој предмет е клучниот. Оттука велиме: Прво, вие сте обвинети за нелегално прислушување. Од тие снимки понатаму излегоа индиции за сите други евентуални кривични дела што се правеле. Значи, ако го немаме ова како дело, немаме ништо друго, рече Пендаровски вечерва во „Само интервју“ на „Канал 5“.

Тој вели дека е зачуден од одлуката на Апелација да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење во прв степен, пред сз поради тоа што прво се чувала во тајност извесен период откако била донесена. Дополнително, вели, над 20 илјади луѓе била опфатени со нелегалното прислушување и за тоа имало и сведочења.

„Кога некој ќе ми каже не било докажано, а имаше лични искази на луѓето кои биле прислушкувани, на министри кои биле опфатени со тоа прислушување и кои велат: Да, тоа е мојот глас на снимката…“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека сѐ уште не е јасно дали за ваквата одлука е виновен Апелацискиот суд, или некој во Основниот суд во прв степен направил процедурални пропусти со цел тие во втор степен да немаат избор освен да ја срушат таа пресуда.

Затоа, според него, добро е што Судскиот совет ќе отвори процедура и ќе види што точно се случувало со овој предмет. Пендаровски смета дека јавноста постојано треба да следи и да бара да се разјасни овој случај. Јавноста, според него, треба да ги прозива сите што носат такви одлуки да ги образложат и јавно за да се види кој бил до словото на законот, а кој имал некакви други мотиви.

Претседателот смета дека ниту барањата на јавноста, ниту неговиот апел, не можат да се сфатат како притисок врз судството, пред сѐ, како што рече, затоа што судењето е завршено во втор степен, но и поради тоа што и доколку почне одново, со ова темпо со кое судиите суделе досега, следното судење веројано би почнало во 2027 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот