Ако не го снабдувавме општеството со евтина струја, секој од нас ќе плаќаше енормно високи цени

Васко Ковачевски директор на ЕСМ/ ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Доколку Владата не одвоеше средства од буџетот за кризата, секој сам ќе требаше да си ги плати астрономските цени, изјави за „Слободен печат“, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски

Во изминатото деноноќие преку ЕСМ Продажба набавени се 2.940 мегават часови електрична енергија, a дополнителна енергија е набавена меѓу другото и поради еднодневниот прекин на блок 1 во РЕК Битола и прекинот во РЕК Осломеј поради пожарот во делот на системот за отпепелување. Блок 1 од четвртокот наутро е вратен на мрежа, додека Осломеј се очекува да стартува во следните неколку дена, по завршување на санацијата.

ОД ЕСМ за „Слободен печат“, велат дека домаќинствата и малите потрошувачи целосно се снабдени со домашна струја. Набавките на електрична енергија се прават исклучиво за потребите за дополнителните снабдувања кои компанијата ги има добиено како обврска во текот на енергетската криза со одлуки на владата, а тоа се количини за техничките загуби на струја во мрежата на ЕВН Електродистрибуција, за загубите на МЕПСО, за болници, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура во државата, за кои Владата ја задолжи ЕСМ да произведува или набавува струја. Целата таа енергија се продава по пониски цени, односно субвенционирани цени.

Од компанијата велат дека тие далеку го надминуваат производството кое е потребно да се задоволи регулираниот пазар, кој е нивна законска обврска, односно 100 отсто да се снабдат домаќинствата и малите потрошувачи со домашна струја. Ако производството на ЕСМ во последниот период достигнува и до 19.000 мегават часови дневно, потрошувачката на регулираниот пазар е околу 11.000 мегаватчасови. Остатокот на енергијата оди за дополнителни снабдувања по субвенционирани цени.

„Доколку таа енергија ние ја продаваме по пазарни цени, АД ЕСМ ќе остварува милионски приходи и профит, како што тоа беше во изминатите години. Сега, како кризна мерка, со средства од буџетот се субвенционираат сметките, и на домаќинствата, но и на многу други субјекти. Тоа оди преку ЕСМ. Ние произведуваме или купуваме по повисока цена, а продаваме кон општеството по пониска цена од таа која е реална и која е на пазарите. Тоа е кризна мерка во оваа криза, бидејќи доколку и ЕСМ би работела исклучиво пазарно, и доколку Владата не одвоеше средства од буџетот за кризата, секој сам ќе требаше да си ги плати астрономските цени “- изјави за „Слободен печат„, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Во однос на набавките на електрична енергија, законот и дозволува на ЕСМ продажба да набавува струја во директна спогодба со трговците без никаква објава на јавен оглас, но од компанијата велат дека тоа не се прави и дека секогаш има јавни објави и конкурентност, се со цел да се добие поповолна цена, за што постојат записници и сите релевантни документи. На написите во медиумите околу тоа како се вршат јавните набавки, од ЕСМ коментираат дека стручните служби во компанијата ги почитуваат сите законски одредби и се е транспарентно.

„Пред неколку дена изјавив дека сензационалистичките наслови во некои медиуми се наменети за привлекување публика не се во ред, дека носат штета и на ЕСМ, но и општо на јавноста. Текстовите ниту се точни, ниту издржани, а се оди само на површна бомбастичност – вели Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот