Ако „фатите“ ковид-19 на одмор во Грција, ќе се лекувате бесплатно?

Фото: Unsplash

Сите заштитни мерки што важат во Македонија, ќе важат и во Грција – носење заштитна маска, физичка дистанца, често миење на рацете и дезинфекција итн.

Ако некој македонски државјанин се разболи од ковид-19 додека е на летување во Грција, неговото лекување ќе биде бесплатно. И Грците што ќе транзитираат или престојуваат во Македонија, ако се заразат од ковид-19, исто така ќе имаат право на бесплатно лекување. Ова, начелно, го договориле министрите за здравство на двете земји Венко Филипче и Василис Кикилиас, на состанокот викендов во Атина, дознава „Слободен печат“.

Двајцата колеги се договориле протокот на патници на граничниот премин Богородица/Евзони да оди побрзо, зашто ризик е за ширење на коронавирусот кога граѓаните излегуваат од возилата се прават гужви.

Договорено е исто така, кога ќе се отворат сувоземните граници и кога ќе профункционира авиосообраќајот, да нема веќе државни карантини, поради тоа што голем број патници ќе влегуваат и излегуваат од двете земји.

Епидемиолозите оваа недела треба да дадат мислење и да состават документ за сите предности и мани на задолжителното тестирање за граѓаните што патуваат. Можно е, одредени граѓани што патуваат во групи и за кои точно ќе се знае каде ќе бидат сместени, да се бара задолжително тестирање со важност од 48 часа од напуштањето на Македонија, но дефинитивната одлука ќе се знае до крајот на неделава.

Засега не се знае кога точно ќе се отворат границите, но од протоколите и билатералните разговори, јасно е дека тоа ќе се случи наскоро и дека на македонските граѓани Грција летово нема да им биде недостапна.

Но, сите заштитни мерки што важат во Македонија, ќе важат и во Грција – носење заштитна маска, физичка дистанца, често миење на рацете и дезинфекција итн.

Нашите туристички агенции веќе имаат поделено ваучери за пропаднатите патувања на клиентите, но сите чекаат владите да се договорат, границите да се отворат и ваучерите да можат да се искористат.

Од 1 јуни Грците најавија дека ќе ги отворат сите хотелски капацитети, кафулиња и ресторани, но само за туристите од земјите на Шенген-зоната.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот