Ахмети го моли Таравари да влезе во Владата, прозиваат„огнените“

Ахмети и Таравари/ Фото Слободен печат

Средбите со членството и граѓаните ќе продолжат и базата ќе пресуди дали Груби ќе остане на функцијата, е одговорот за „Слободен печат“ од „огнените“ во ДУИ, кои не ги поколеба јавната порака од лидерот Али Ахмети дека нема намера да го смени првиот вицепремиер Артан Груби и повикот да се смират страстите во партијата.

Претседателот на Надзорниот одбор на ДУИ и дел од „огнените“ Муса Џафери и потпретседателот на партијата Изет Меџити, за „Слободен печат“ велат дека ќе продолжат да го ослушнуваат гласот на граѓаните на средбите со партиските структури.

„Ние го знаеме ставот на Ахмети дека нема намера да го смени Груби. Токму затоа ги почнавме средбите со базата, оти голем дел мислат како нас и за да ги охрабриме и разбудиме и за да се зголеми отпорот против авторитарното управување со партијата од страна на Груби. Ќе ги сензибилизираме гласачите за да не ги потценуваат. И не е точно дека 10 години сум бил вицепремиер и дека барале оставка од мене. Ако сопартијците бараа моја оставка, јас сам ќе си одев, не како Груби. „Огнените“ ли им се виновни дека изгубивме во Гостивар и во Тетово. Сега претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ќе ги брани од „огнените“. Го молат да влезе во Владата. Средбите со граѓаните ќе продолжат и ќе се докаже кој е во право“, вели Џафери.

Ахмети во изминатиот викенд, на средба со сопартијците и граѓаните на Гостивар, јасно им порача на „огнените“ дека нема да го смени Артан Груби. Тој пред присутните рекол дека им кажал на „огнените“ дека грешат и им укажал дека ним не им била направена неправда.

„Десет години бараа смена на Муса Џафери, но јас не го сменив, затоа што тоа беше волја на мнозинството. Абдилаќим Адеми упорно бараше да го сменам, но јас не го сменив затоа што беше таква волјата на мнозинството. Сега бараат да го сменам Артан Груби, но не го менувам. Таква е волјата на мнозинството. Генералниот совет одлучи. Кому му вршиме услуга со овие движења што се прават“, праша Ахмети.

Според „огнените“, средбите на Ахмети и министрите со партиските структури не се за отчет за сработеното на извршната власт, туку за да ги напаѓаат нив. Додека „огнените“ за в среда најавуваат средба на младите на ДУИ во МНТ, паралелно, секојдневно продолжуваат средбите на Ахмети со базата, кои неделава се концентрирани во Гостиварскиот Регион.

Наспроти обвинувањата од „огнените“, зад министрите, освен Ахмети, застана и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој на незадоволните им порача дека „не знаат каде тераат“.

„Овие паралелни активности што почнаа мора да прекинат. Кога нашите другари и пријатели што имаат авторитет и моќ 20 години ќе дадат отчет пред нас и кога ќе зборуваат за делата што ги направиле, тогаш нека обвинуваат“, рече Џафери.

Првиот вицепремиер Груби контра „огнените“ во обраќањето на собирот во Гостивар реферираше за сработеното на министрите на ДУИ.

„Ме радува што се среќаваме за да дадеме отчет за тоа што сме направиле и што правиме. Кога сме заедно, нема работа што не можеме да ја завршиме. Ги читав ветувањата од предизборната кампања, сите се исполнети“, рече Груби.

Од друга страна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера побара Џафери да одговори во кое својство присуствува на партиските трибини на ДУИ. Според Мицевски, сведоци сме на ново грубо кршење на Уставот од Џафери, бидејќи според член 67, став 3 од Уставот „функцијата претседател на Собранието е неспоива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија“.

Алијансата ќе ја спасува владината коалиција?

Војната во ДУИ предизвикува нервоза кај владиниот партнер СДСМ, иако, според висок функционер од партијата на Ковачевски, очекувањата се дека ситуацијата ќе се амортизира со влез на Алијанса во Владата. Според функционерот, Ковачевски и Ахмети речиси секојдневно се на линија и веќе има некаков вид гаранција од лидерот на ДУИ дека „огнените“ нема да бидат пречка за уставните измени, ниту пак влегуваат во комбинација за евентуално ново владино мнозинство.

Сепак, ситуацијата во ДУИ не се исклучува да биде тема на средба помеѓу Ковачевски и Ахмети.

По Груевски и Заев, и Ахмети си најде непријатели меѓу медиумите: „Телма“ и „Алфа“ се непријатели на Албанците

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот