Ахмети: Фракциите не се дозволени во ДУИ, секое делување надвор од статутот на партијата е анархија

Фото: Слободен печат

Лидерот на ДУИ Али Ахмети по завршувањето на денешната седница на Централното претседателство на партијата, каде меѓу другото се дискутираше и за предлози на таканаречената „Огнена група“ од каде најавија дека ќе делуваа како фракција, рече дека секое делување надвор од статутот на партијата е анархија, а фракциите посочи тој не се дозволени во ДУИ.

Принципот е дека малцинството го почитува ставот на мнозинството, инаку би биле анархична партија, каде секој ќе прави што сака, вели Ахмети.

„Што се однесува до фракционирањето, јас таков предлог имам дадено на партиски конгрес, но тоа мнозинството не го одобри и јас како демократ почитувам став на мнозинство. И согласно тие одлуки на конгресот, ДУИ има статут кој не дозволува фракции. Треба да се почека следниот конгрес и јас ќе подржат таков став за фракции. Но, секое делување спротивно на статутот е анархија, а анархијата е најголемиот непријател на демократијата. Принципот е дека малцинството го почитува ставот на мнозинството, инаку би биле анархична партија, каде секој ќе прави што сака. Мнозинството треба да го почитува малцинството, тоа е демократија“, вели Ахмети.

Инаку „Огнената група“ ја напушти денешната седница на Централното претседателство на ДУИ.

Најавија дека ќе делуваат како фракција оти како што рече Блерим Беџети организациониот секретар на партијата, разликите се големи и од организациски аспект внатре во ДУИ, но и во однос на дебатата за програмските определби. Тој се пожали дека внатре во ДУИ немале реални можности за дебата, а се користеле тројни аршини за одредени исти и слични прашања.Од денеска ние ќе имаме наши ставови, бидејќи ќе делуваме како фракција во рамки на ДУИ, посочи Беџети.

Тој додаде дека немало исклучување на нивни членови на денешната седница. Како ќе делуваат понатаму, ќе информираат на наредна пресс конференција.

На денешната седница се изгласа и извештај за работата на партиските функционери во Владата.

„Имаше извештај за работата на претставниците во Владата, по што следуваше една сосема отворена дебата по однос на работата на Владата, имплементирањето на законот за јазици, инфраструктурните проекти и воопшто случувањата во земјата. Сакав да ги слушнам, начинот на нивното функционирање. Јас сум посебно заинтересиран владините претставници во коалицијата да имаат добра соработка и тоа се образложуваше на седницата. И се отвори дебата на седницата. По дебатата, извештајот го ставив на усвојување. Од присутните членови на претседателството 26 гласаа за извештајот, шест беа против и тројца воздржани. Тука дебатата беше исцрпена и следниот состанок ќе го свикам зависно од развојот на случувањата“, истакна пред новинарите претседателот на ДУИ.

Тој информираше дека на седницата се разговарало и за развојот на настаните во земјата и во регионот.

„Со посебен акцент на постигнатиот договор меѓу Косово и Србија, наречен уште и како Охридски договор. Договор кој е важен и за нас и за целиот регион, бидејќи регионот влегува во една состојба на мир, што е особено важно за сите. Со желба овој договор да се почитува и да се имплементира од двете страни“, посочи Ахмети.

Беџети од „Огнената група“: Ќе делуваме како фракција, министрите на ДУИ ја узурпираа партијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот