21. „Оф-фест“: Фестивал на слободоумната мисла и музика од сите континенти

Група „Перија“

Фестивалот што ја носи „музиката на светот“ во Скопје се врати во својот редовен термин и годинава ќе се одржи од први до 4 јуни во Националната опера и балет и во МКЦ.

Мисијата на „Оф-фест“ со ист интензитет и несомнено висок квалитет продолжува и во третата деценија од опстојувањето на овој, по многу нешта за македонски услови, уникатен музички фестивал. Доказ за неговата издржливост и пркос се изминатите две пандемиски години, кога многу фестивали и манифестации згаснаа или се одржаа во некоја друга форма, а организаторите на „Оф-фест“ стоички и со натчовечки напори реализираа хибридни изданија на фестивалот, односно и со редуциран број публика во концертните сали и со стриминг на целата програма преку интернет.

Годинава фестивалот се враќа во својот редовен термин и ќе понуди осум концертни настапи и еден документарен филм. На први јуни 21. „Оф-фест“ ќе стартува со македонска вечер на која ќе настапи извонредниот македонски етно-состав „Перија“, како и маестралниот тандем Добрила & Дориан дуо, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“, издание на „СЏФ Рекордс“.

Фестивалот ќе биде отворен на 1 јуни со македонска вечер на која ќе настапат „Перија“ и Добрила & Дориан дуо

Втората вечер публиката ќе може да ужива во звуците на африканска кора преку мајсторството на Балаке Сисоко од Мали, а потоа и настапот на гитаристот и композитор Лукас Сантана, еден од клучните и најжешки актери на бразилскиот нов бран.

Балаке Сисоко од Мали

Третата фестивалска вечер (3 јуни) е резервирана за електро-психоделичниот музички огномет на колумбиските тропски велемајстори „Лос пиранас“. На овој настап ќе му претходи прикажувањето на документарниот филм „The Rumba Kings“, посветен на конгоанската румба.

„Лос пиранас“

Последната вечер од фестивалот, на 4 јуни, настапува италијанската пејачка Мариа Мацота, а потоа Ненси Виера од Капо Верде и колективот „Сантрофи“ од Гана.

Колективот „Сантрофи“ од Гана

Програмскиот директор на фестивалот, Оливер Белопета, вели дека со големо лично задоволство ја составил програмата, но открива и некои „локални недостатоци“.

Влегувањето на фестивалот во третата деценија би требало да значи и „помирни води“ при неговата реализација. Дали е навистина така, имајќи предвид дека короната ја преживеавме?

– Фестивалот програмски многу успешно ја преживеа пандемијата (како ретко кој во светот). Но, еве ја сега инфлацијата, последица на нешто друго, на војна. Конечно, „Оф-фест“ постојано мора да го „преживува“ и нашето поднебје, да не ширам што мислам со ова. Впрочем, на пошироките балкански простори, не случајно, не постои ниту еден друг фестивал од овој тип (освен „Друга годба“ во Љубљана) со толку висок интернационален ранг.

Постерот за 21. „Оф-фест“ е дело на нашиот еминентен дизајнер Зоран Кардула

Што е програмскиот фокус на фестивалот годинава во квалитативна смисла, бидејќи во територијална влече и кон Колумбија и кон Африка?

– После сите изминати години (и децении) мисијата и фокусот на „Оф-фест“ остануваат непроменети. Да ја донесе во Скопје слободоумната мисла и музика од сите континенти, со сета своја стилска посебност, но и испреплетеност. И тоа најквалитетното и најактуелното од таканаречената „музика на светот“, она што во развиените земји масовно се впива, а кај нас останува неслушнато, поради зачмаеноста на медиумите, сопствената интровертност, па и присутниот отпор кон глобализацијата. Така што мојата „слабост“ кон јужноамериканската (Бразил, Колумбија…), африканската (Мали, Гана…) или медитеранската музика (Италија…) не е некоја новина. А еве, ја чуваме и традицијата на претставување на најдоброто од Македонија, како и ексклузивното прикажување на култни документарни филмови (во случајот најдобриот во минатата година), кој не зборува само за феноменот на одредена музика, туку многу повеќе, за нејзината улога во драматичната историска приказна за Конго.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот