193 земји како една во борбата со пандемијата и со климатските промени

EPA-EFE/Loey Felipe / UN Photo / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Во декларацијата усвоена на виртуелен состанок се оценува дека Обединетите нации се „единствената светска организација што има моќ да ги зближи земјите и да им даде надеж за подобар свет на многу луѓе и да им даде иднина каква што сакаат“.

Членките на Обединетите нации, кои вообичаено се поделени, прексиноќа покажаа ретка единственост, прифаќајќи декларација за здружување на силите во борбата со големите светски предизвици, какви што се пандемијата, климатските промени и екстремизмот.

На Генералното заседание на 75-годишнината од формирањето на Обединетите нации, членките се декларираа дека „никогаш не било поважно сите земји да се обединат во борбата против глобалните предизвици на пандемијата на коронавирусот, климатските промени и насилниот екстремизам“.

Во декларацијата, усвоена на виртуелен состанок, се оценува дека Обединетите нации се „единствената светска организација што има моќ да ги зближи земјите и да им даде надеж за подобар свет на многу луѓе и да им даде иднина каква што сакаат“.

Декларацијата потсетува на успесите и неуспесите на Обединетите нации во текот на повеќе од седум децении и ветува изградба на „пост-пандемиски свет кој ќе биде порамноправен и ќе работи заедно за да ја заштити планетата“.

– Дури и во време на голема напнатост, ОН промовираа деколонизација, слобода, развој, човекови права и еднаквост и работи на искоренување на болести. ОН помогнаа во ублажување на десетици конфликти, спасија стотици илјади животи преку хуманитарни акции и обезбедија едукација за милиони деца – се вели во декларацијата.

Кога станува збор за неуспесите, во декларацијата се вели дека „светот е повреден од растечката нееднаквост, сиромаштија, глад, оружени судири, тероризам, несигурност, климатски промени и пандемии“.

Во декларацијата нагласува дека 75-годишнината од постоењето на Светската организација се случува во време на голема пандемија, која не само што предизвикува смрт и сериозни болести, туку и светска економска криза, зголемена сиромаштија, вознемиреност и страв.

– Пандемијата на ковид-19 нè потсети дека сме тесно поврзани и дека сме силни само онолку колку што е силна нашата најслаба алка. Само со заедничка работа може да се победи пандемијата и да се стекне отпорност кон идните пандемии и другите светски предизвици, се наведува во декларацијата и се додава дека мултилатерализмот не е опција, туку потреба, да се изгради порамноправен, поотпорен и поодржлив свет – наведено е во декларацијата.

На специјалната јубилејна сесија на Генералното собрание, светските лидери се согласија дека е потребна посилна соработка, особено во услови на глобални проблеми.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ОН по Втората светска војна учествувале во воспоставувањето на новиот светски поредок и заедница за зачувување на мирот и иднината. Канцеларката, сепак, истакна дека премногу често ОН биле принудени да заостануваат зад своите идеали, бидејќи интересите на одделни членки од време на време спречуваа оваа наредба да функционира на начинот на кој првично беше замислена. Таа истакна дека оние што веруваат дека можат подобро самите грешат.

– Нашиот свет е нешто што го споделуваме, исто и нашето страдање. Ние сме еден свет – рече Меркел.

Таа се осврна на пандемијата на ковид-19 и рече дека ова е еден од примерите што покажува дека глобалните проблеми бараат глобална соработка надвор од националните граници и на сите нивоа.

Шпанскиот крал Филип Шести изрази благодарност до сите оние без кои оваа организација немаше да постои и на сите што учествуваа и учествуваат во реализацијата на нејзината мисија. Кралот посочи дека е потребно поголемо единство и соработка меѓу народите, како што покажа пандемијата со ковид-19, со која во моментов се бори целиот свет.

– Шпанија ќе остане посветена на одржливиот развој, заштитата на животната средина, борбата против тероризмот, заштитата на најранливите и подобрувањето на животот на луѓето како целина, помагајќи да се реализира визијата на ОН – изјави шпанскиот крал.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, оцени дека предизвиците на иднината не се исти денес како и пред 75 години и дека актуелните бараат целосно залагање и борба за универзалните вредности. Тој истакна дека освен политичар е и граѓанин загрижен за иднината на планетата и „би сакал да им се овозможи на своите и на другите деца да ги рашират крилјата, да имаат слобода и почит, свет без дискриминација, како и пристап до вода и шуми“.

Кинескиот претседател Си Џинпинг рече дека пандемијата на ковид-19 е голем предизвик за човештвото, а поради новата реалност светот мора да размисли што ОН сака за светот во ерата на постпандемијата.

– Сите мора да работиме заедно за да обезбедиме безбедност, што е императив – порача Си.

СЗО: 156 држави пристапија на глобалната мрежа за пристап до вакцини

Вкупно 156 држави се приклучија на глобалната шема Ковакс, чија цел е да обезбеди фер дистрибуција на резерви на идни вакцини против ковид-19, соопшти сојузот на Светската здравствена организација и Алијансата за вакцини ГАВИ.

На списокот на Ковакс се 64 богати земји. Целта на Ковакс е да испорача две милијарди дози безбедни, ефикасни вакцини до крајот на 2021 година во целиот свет.

Шведска не препорачува вакцинирање малолетници

Шведската влада нема да препорача малолетните лица да бидат вакцинирани против ковид-19 дури и ако вакцината се покаже безбедна и ефикасна.

Шведската влада оценува дека децата го пренесуваат вирусот на ограничен начин и дека не им е потребна вакцината. Вакцинацијата се препорачува за возрасни, особено оние што се од ранливите групи и постарите лица.

Главниот епидемиолог Андерс Тагнел изјави за Си-ен-ен дека Шведска функционира по принципот на доброволно вакцинирање и дека тоа било така и за време на минатите пандемии, но стапката на имунизација била висока.

– Веројатно имавме највисока стапка на имунизација во светот – појаснува епидемиологот.

Црна Гора: Секој трет тестиран е позитивен

Во понеделникот во Црна Гора биле регистрирани 230 новозаразени лица од коронавирус на само 664 спроведени тестови. Две лица починале, со што бројот на жртви од почетокот на пандемијата на ковид-19 се искачи на 138. Во Црна Гора досега биле регистрирани 8.842 случаи на коронавирус.

 

Подготвил: Митко Билјаноски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот