Скандалозната историја на Свети Валентин

Бидејќи околу свети Валентин се создала толкава збрка и недореченост, но и многу контроверзии, католичката црква во шеесеттите години на 20 век го избришала овој светец од црковниот календар.

Со бичување на жените се осигурувала плодност

Замислете само голи мажи што трчаат по улиците и бичуваат млади жени. Бичевите се крвави, а направени се од свежо исечени козји јазици. Иако ова звучи како перверзна садо-мазо практика, овој обичај бил многу популарен во краевите на светот во кои доминирале Римјаните сè до 496 година од новата ера.

И навистина, Римјаните во средината на февруари имале празник наречен Луперкалија. Централниот настан се случувал традиционално на 15.2. на врвот на брдото Палатин, место каде што според легендата цицале Ромул и Рем од волчицата. Овој фестивал бил дел од ритуалот за прочистување и плодност. Сè што е поврзано за овој обичај било организирано и предводено од луперијците или „братството на волкот“, фестивалот почнувал со жртвување на две млади јариња и кучиња, а со крвта луперијците се премачкувале по лицето, а потоа вршеле обредно миење на крвта во млеко.

Јазиците се сечеле од обредно убиените кози, од нив се изработувале бичеви и со нив луперијците трчале по улиците бичувајќи ги жените за да осигурат плодност.

Во 496 година папата Геласиј го забранил овој див ритуал и наместо него го прогласил денот на свети Валентин, на 14.2.

Но кој бил свети Валентин?

Светец – заштитник на вљубените? (Запомнете вљубените, а не оние што сакаат. Разликата меѓу вљубеноста и љубовта е во тоа што вљубеноста е хормонска хемиска состојба, додека љубовта е потполно поинаква и подлабока состојба на човековиот ум). Бидејќи околу свети Валентин се создала толкава збрка и недореченост, но и многу контроверзии, католичката црква овој светец го избришала од црковниот календар во шеесеттите години на 20 век.

Во што бил проблемот? Постоеле најмалку тројца луѓе со име Валентин во третиот век на новата ера и сите тројца умреле со страшна смрт. Еден од нив бил свештеник во Римската црква што им помагал на прогонетите христијани за време на владеењето на Клаудиј Втори. Кога го затвориле, тој му го вратил видот на едно слепо девојче, кое штом прогледало, се вљубило во него. Главата му ја пресекле на 14.2.

Вториот Валентин бил бискуп што го мачеле и го убиле исто така за време на владеењето на Клаудиј Втори.

Третиот Валентин пак, тајно ги венчавал двојките, игнорирајќи ја наредбата од Клаудиј Втори за забрана на венчавање војници за време на војни. Легендата вели дека Валентин го затвориле во ќелија, а тој се вљубил во ќерката на стражарот. Пред самата смрт како резултат на страшни мачења, тој ѝ напишал писмо на својата љубена во кое се потпишал „Од твојот Валентин“.

Настрана од легендите…

Настрана од легендите, свети Валентин и датумот 14.2. прв пат се сретнуваат во една песна на англискиот писател Џефри Чосер (1340-1400). Во песната тој напишал дека на денот Свети Валентин птиците ги бараат своите партнери. 33 години подоцна војводата Чарлс од Орлеанс го напишал првото љубовно писмо што се поврзува со денот Свети Валентин (веќе сум болен од љубов, моја мила Валентина). Тоа било интензивна, но несреќна љубов. Девојката умрела премлада, пред тој да се врати во Франција во 1440 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот