Златни правила за подготовка на совршен бифтек

Unsplash
Unsplash

Без разлика дали сте дома или се подготвувате викендов да заминете некаде во природа на скара, подготовката на бифтек треба да биде брза и едноставна, како од ресторан.

За жал, постојат нешта што многумина од нас одбиваат да признаат дека можат да го уништат и најсовршеното парче месо. Но, добрата вест е дека можете да ги следите овие неколку правила и многу брзо да станете вистински мајстор за подготовка на бифтек.

Правилно складирање на месото

Кога ќе купите убаво парче месо, идеално е да го приготвите веднаш или следниот ден. Но, со оглед дека тоа не е секогаш возможно, месото треба да го чувате во најладниот дел од замрзнувачот, добро затворено во ќесичка во која нема да влегува воздух. Ако се решите да го приготвувате замрзнатото месо, ставете го еден до два дена да се одмрзнува во фрижидер.

Друг важен момент е ладното месо да не го ставите веднаш на скара. Така ќе добиете парче месо кое однадвор е препечено, а внатре сурово. Наместо тоа, извадете го месото од фрижидер 30-60 минути пред да почнете да го готвите, отстранете ја ќесичката и оставете го на собна температура.

Зачинете го во вистинско време

Многу дебати се водат за тоа кога е вистинското време да се стави зачин на месото. Многумина ќе се сложат дека најдобро е бифтекот да се посоли претходната вечер и да се остави непокриен. Ако немате толку време, посолете го барем 40 минути пред готвење или најдоцна пред да го ставите на скара. Иако солта ја вади водата од месото, со доволно време таа повторно ќе се врати во вид на солена вода, која ќе го омекне месото.

На кој било начин да го готвите бифтекот, погрижете се температурата да е многу висока, бидејќи без неа месото нема да биде добро испечено. Во моментот кога ќе го ставите месото на скарата или во тавата, температурата ќе се намали, поради што едната страна на месото секогаш ќе изгледа повеќе испечена.

Ефект на „пренесена топлина“

Кај сите производи, особено кај месото, постои ефект на „пренесена топлина“. Еднаш кога ќе го тргнете месото од скара или од тава, тоа уште некое време ќе се готви. Затоа извадете го од скара малку порано, инаку ќе добиете препечено месо. Потоа оставете го малку да се излади.

Секој професионален готвач ќе ви каже дека најлоша работа што можете да ја направите е да го пресечете пред да се излади. Ако го оставите да одмори десетина минути, сите природни сокови ќе се прошират низ месото и нема да се изгуби неговиот вкус и текстура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот