Златан ги малтретирал соиграчите во репрезентацијата, се плашеле да повикаат полиција
Шведскиот новинар Олоф Лунд објави книга во која пишува за фудбалската репрезентација и во која открива дека Златан Ибрахимовиќ ги малтретирал колегите и неколку пати биле избегнати физички пресметки.
Фудбалските фанови во Златан Ибрахимовиќ гледаат голем играч со уште поголемо его поради кое не беше омилен кај соиграчите.
Ибрахимовиќ и на 39 години игра во врвна форма, но полека на видела излегуваат и мрачните тајни за фудбалерот.
Последен кој во јавноста зборува за темпераментот и егото на Ибрахимовиќ е новинарот Олоф Лунд кој објави книга за репрезентацијата на Шведска и во која пишува дека сегашниот фудбалер на Милан ги малтретирал соиграчите и дека неколку пати биле избегнати физички пресметки.
„Тој применуваше насилство над колегите. Златан е најдобар шведски фудбалер на сите времиња, но репрезентацијата е подобра кога игра без него“, ги потврдува деталите од книгата, неименуван функционер во Фудбалската федерација на Шведска за сајтот „Афтонбладет“.
„Тоа требаше да се пријави во полиција. Беше навистина грозно неговото однесување. Секој собир, десет дена по ред секој месец. Дали е тоа малтретирање? Таквите работи се пријавуваат во полиција“.
Новинарот Олоф Лунд тврди дека сите се плашеле од Златан Ибрахимовиќ, а селекторот Ерик Хамрен кој ја водеше репрезентацијата од 2009 до 2016 година, му дозволуваше на напаѓачот на Милан да се однесува како што сака.