Жителите се заканија со протести и блокади ако зонско не се воведе истовремено во Ново Лисиче и во Реонски центар
По многу ветувања и најави дека проблемот со паркирање во Ново Лисиче и во Реонски центар ќе се решава со воведување зонско паркирање во овие две населби, конечно од 1 април зонско ќе има, но само во Реонски центар.
Препорачано
Оваа најава на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, предизвика револт и реакции кај жителите од Ново Лисиче кои стравуваат дека сега поради наплатата во Реонски, кај нив уште повеќе ќе се зголеми хаосот со паркирање.
Во Ново Лисиче не постои жител кој барем 15 минути не бара паркинг место за да дојде дома и многумина од жителите паркираа токму во Реонски центар затоа што паркиралиштата постојано се узурпирани, а надлежните и покрај сите апели не спроведоа никаква активност (година дена од изборите од кога ветија паралелно воведување на зонско паркирање) да го обележат и имплементираат зонското паркирање во Ново Лисиче – реагираат жителите на Фејсбук групата „Ново Лисиче“
Зоните на „Градски паркинг“ го освојуваат Скопје, ќе се шират низ Карпош, Аеродром, Чаир и Гази Баба
Оттаму апелираат до Општина Аеродром и Град Скопје на итно одлагање на спроведувањето на зонско паркирање само во Реонски Центар, и овој процес да се спроведе единствено паралелно на двете локации, Ново Лисиче и Реонски центар, а од советничките групи во Советот на Општина Аеродром и Град Скопје, бараат итна вонредна седница на Советот отворена за јавноста и расправа за одлагање на имплементацијата на зонското паркирање до паралелното воведување на двете локации.
Граѓаните потсетуваат дека им било ветено дека до септември 2025 година Општина Аеродром во координација со Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ ќе ја обележат целата територија на Ново Лисиче и ќе постават информативни табли за зонското паркирање, за овој процес да се имплементира истовремено и да нема дополнителен хаос со префрлање на проблемите од една страна на населбата на друга.
Доколку надлежните институции не се произнесат по однос на овие барања за одложување на селективното воведување на зонско паркирање се до истовремена имплементација во Ново Лисиче и Реонски Центар, ние како граѓани ќе бидеме приморани да излеземе на блокади истиот ден ако се започне со селективна примена на зонското само на една локација – се заканија жителите.
Тешко до паркинг-место во Ново Лисиче и Реонски центар, од Општината молчат зошто уште нема зонско
Реакции има и на одлуката дека од први април, сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата.
Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници. За останатите, цената ќе изнесува 25 денари за час – соопшти градоначалникот Ѓорѓиевски.


