Женски муабети: Што може како жена да ме навреди од еден маж?

Прашавме четири наши жени што може да ги навреди од еден маж.

Според британското истражување, порано навредите кон жените имале сексуална конотација, а чести биле и навредите на сметка на верата. Со текот на времето, речникот на навреди значително се проширил, а во денешно време најлоши навреди се сметаат оние што содржат зборови со кои се опишуваат некои телесни карактеристики. Една од поголемите навреди, според истражувањето, жените сметаат дека е кога ќе ги наречат дебели, а најнавредливи се зборовите што ги опишуваат нивната расна припадност или телесниот хендикеп. Традиционалните пцовки веќе речиси воопшто не ги повредуваат жените, зашто навредите со сексуална конотација изгубиле добар дел од својата моќ. Во модерните времиња, најчесто се користат грди зборови со кои се навредува изгледот на една жена и токму тие најмногу погаѓаат во целта.

Прашавме четири наши жени што може да ги навреди од еден маж.

Фото – Дејан Миличевиќ

Верица Пандиловска, претседателка и основач на ЕУ Институт Скопје: Лично како жена може да ме навреди непочитување,  преку одредени постапки на партнерот. Создавање недоверба произелезена од различни ситуации можам да препознаам од километар и тоа по поглед, невербално движење, секако преку несигурен говор и несоодветна конверзација, која е производ на таа недоверба. И најстрашната вистина е подобра од лага, а и најмалку боли. Сите ние сме некакви, несовршени, но верувам дека за секого има компатибилен партнер. Квалитетен партнер во животот е оној кој го цени нашето време. Клуч на успех е доколку партнерот не бара да му го храниме егото! Љубовта е двонасочна улица и бара реципроцитет. Колку ќе инвестираш, во таа мера треба и да очекуваш да ти се возврати. Затоа парнерот во животот е потребно да ни е посветен за да му се посветиме.

Дороти Пачкова, активистка: Како жена, еден маж може да ме навреди само ако не ја почитува мојата женскост. Мојата женскост подразбира дискурзивно перцепирање на самото конструирање на одлуките што ги донесувам, а на кои се темелат активностите и делата што ги преземам. Тоа би подразбирало прифаќање на деланијата и низ секојдневниот живот, на репетативните мануелни активности, кои ги спроведувам или не, но и на активацијата во однос на идеолошките поставености и уверувања, секако и на наученото искуство од животот, кое лично кај мене е длабоко, исцрпно и во голема палета на доживувања. Апропо ова, маж може да ме навреди кога би се обидел да ме делегитимира идентитетски, преку негирање на начинот на кој го живеам и преобмислувам животот, и на кратки и на долги патеки.

Зои Блаж, пејачка: Би ме навредило ако мажот нема почит кон женскиот род, а на ова сум сведок во доста ситуации на мои блиски. Доколку дојде до неверство, не би простила. Доколку мажот не ја прави жената секојдневно среќна, доколку не го почитува нејзиното семејство, тоа е навредливо. Не поддржувам никакво малтретирање, ни психичко ни физичко, а за жал, кај нас има премногу жени што трпат сè поради семејството.

Даниела Михајловска Радоњанин, вработена во државна администрација: Прашањето е многу лесно за жена, која со своите 53 години искусила доста во животот, и затоа одговорам едноставно: ништо. Но да не звучам претенциозно и  самоуверено, ќе набројам неколку особини што не ги почитувам кај машкиот пол, а тоа се: површност, непосветеност, манипулативност, себичност, некоректност, невнимателност, простотилак, мрзеливост. Можеби ова се особини што ги „красат“ и голем број жени, но ете, мене таков однос може да ме навреди. Сериозно ме навредува обидот „тој“ да ја навреди мојата интелигенција во даден момент. Помина времето на нееднаквост на улогите во заедниците, на машко-женски работи и поделби, на еднонасочна пожртвуваност, на „лекциите на нашите мајки“. Мојата искрена порака до целиот женски свет е: биди своја и стави се секогаш на првото место во заедницата, само така ќе бидеш среќна!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот