Засега не се очекува драстичен „бум“ кај текстилните нарачки

Фото Архива на СП

Да не заборавиме дека и утре да заврши пандемијата, добар дел од компаниите ќе продолжат да работат од дома, што од друга страна ќе се рефлектира врз потрошувачката на текстил – вели за „Слободен печат“, Ирена Јакимовска, управител на текстилната компанија „Комфи ангел“.

Домашните бизнисмени со олеснување ја примија веста дека Германија, која е наш најголем стратешки партнер, доживува економски раст и покрај ограничувањата поради пандемијата. Тоа е добра вест, велат стопанствениците, иако не се надеваат дека заздравувањето на македонската економија ќе се случи брзо. Важно е да се нотира дека и во текот на минатата година, најголемиот дел од фабриките кои се лоцирани во индустриските зони не престанаа со работа, иако можеби не работеа со стопроцентен капацитет. Од друга страна, застојот најмногу го почувствуваа текстилните фабрики, кои имаа намалени и откажани налози од долгогодишните странски партнери, пред сѐ од Германија. Индустриите за текстил, облека и кожа, во 2019 година, извезуваа стоки во вкупна вредност од над 540 милиони eвра, при што над 93 отсто од производството е ЛОН.

Според најавите и процените на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни најмалку шест месеци за нормализирање на нарачките и производството.

– Не може да се очекува прекуноќно заздравување, но заздравувањето на германската економија, секако е добра вест за домашните текстилни компании. Логиката кажува дека граѓаните насекаде во светот, прво ќе трошат пари за одмор, патување и туризам, а потоа и за облека. И модата се смени, како и сѐ друго, а многу модни продавници не само во Германија, туку и глобално, затворија. Да не заборавиме дека и утре да заврши пандемијата, добар дел од компаниите ќе продолжат да работат од дома, за да ги намалат трошоците, што од друга страна ќе се рефлектира врз потрошувачката на текстил – вели за „Слободен печат“, Ирена Јакимовска, управител на текстилната компанија „Комфи ангел“.

Јакимовска смета дека државата треба да изгради сериозна стратегија за помош на најтрудоинтензивната гранка од која лебот го вадат 35.000 работници. Најголемиот дел од текстилната индустрија не остварува поголема додадена вредност, но, според неа, сепак, е прерано да се откажеме од оваа гранка и се додека не се случи целосна смена на генерации во фабриките, треба да се најде начин за нејзиниот опстанок.

– Дел од фабриките, внесоа најмодерна технологија во производството, но просечната возраст на работниците во браншата е околу 50 години. Многу е битен социјалниот аспект, бидејќи од работата во оваа индустрија, живеат цели градови – додава Јакимовска.

Според странските медиуми, германската влада исто така се надева на зголемени градежни активности, кои можат да процветаат поради фактот што релативно ниските каматни стапки сè уште важат на пазарот на недвижнини, а во Германија има голема побарувачка за станови. Тоа може да влијае и врз побарувачката на странски градежни работници, што пак од друга страна ќе ја намали и онака оскудната понуда на квалификуван кадар кај македонските компании.

– До пред пандемијата, секоја година по неколку илјади сезонци од Македонија заминуваа на работа на германските градилишта. Ако повторно се отвори тамошниот пазар, може да се очекува повторен одлив и на нашите мајстори, а тоа не е добро за нас – велат градежниците.  

 

Глобалните снабдувачки синџири на електроника ќе го диктираат производството

 

Заздравувањето на германската економија е значајно за македонските производители на делови за автоиндустријата, се согласува и Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство при СКМ. Тој сепак укажува дека во моментот се јавува проблем кај глобалните снабдувачки синџири, кои не се во можност да одговорат во целост на испораката на микропроцесорите што се вградуваат во автомобилите.

– Лани сите производители на автомобили ги откажаа нарачките на овие електронски компоненти, а фабриките во Азија, се соочија со зголемена побарувачка од производителите на телефони, лаптопи, видеоигри и конзоли, кои масовно се продаваа во пандемијата. Не е едноставно сега да се обноват и да се зголемат нарачките, па поради ова фабриките на „Форд“, „БМВ“, „Фолксваген“ и други ќе паузираат. Според процените, поради овој недостиг годинава на светско ниво ќе се произведат 3,4 милиони автомобили помалку, а од нив 1,1 милиони во рамките на ЕУ, за кои работиме и ние – објаснува директорот Мизо за „Слободен печат“.  

Лани во март продажбите на автомобили во различни земји во Европа паднаа помеѓу 40-85 проценти, додека во САД за околу 30 отсто.

– Во Македонија работат компании што се традиционални добавувачи на големите автомобилски брендови, пред сѐ за европскиот пазар. А кризата и секој нареден застој не принудува сериозно да пристапиме кон ревизија на долгорочните планови за производство, инвестиции и вработувања – објаснува Мизо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот