Запрени обиди за измами со македонски бисквити, јагоди и зелка – европските граници се речиси „непропустливи“
Од јануари до мај годинава, Македонија е пријавена во три наврати од други земји на ЕУ за наводни измами што се однесуваат на земјоделски и прехранбени производи, посочуваат месечните извештаи на Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ)
Од јануари до мај годинава, Македонија е пријавена во три наврати од други земји на ЕУ за наводни измами што се однесуваат на земјоделски и прехранбени производи, посочуваат месечните извештаи на Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ). Два од нив се нотирани во мај, а еден во јануари, а се однесуваат на поголемо присуство на сулфити (171,9 мг/кг) во житни култури и пекарски производи – бисквити.
Препорачано
За овој случај алармирала Романија, а другиот случај се однесувал на јагоди со фалсификување на потеклото (Хрватска, наместо Грција и Република Македонија). Во првиот и единствен случај во јануари годинава, пак, се работело за македонска зелка, која преку Грција и Хрватска требало да биде извезена во Словенија, а причината било зголеменото присуство на имидаклоприд (0,029 мг/кг). Најчесто ваквите производи се детектираат уште на границите, но има доста пријави од контролата во трговијата.
Сумирано од она што може да се види во овие петмесечни извештаи, нашите производи се меѓу најбезбедните и најквалитетните во однос на присуството на недозволени остатоци од пестициди и други загадувачи.
– Целта на Месечниот извештај за сомневањата за измама во земјоделско-прехранбениот сектор на ЕУ е двојна: 1. Член 9(2) од Регулативата за официјална контрола, која бара организирање на контроли базирани на ризик за идентификување и борба против измамничките практики низ земјоделско-прехранбениот синџир (низ некои контролни области наведени во член 1(2)), како и обезбедување вредни, но избрани информации за засегнатите страни од земјоделско-прехранбениот сектор за извршување соодветни проценки на ранливоста и идентификување нови појавни ризици – објаснуваат од ЕУ.
Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, тврди дека македонските граѓани јадат безбедна храна, но секаде има исклучоци.
– Никаде во светот и никој не може да гарантира дека јадеме безбедна храна. Граѓаните јадат безбедна храна, а сега со зголемување на температурите зголемен е и бројот на туристи и на транзит, а Агенцијата покрај редовните, врши и вонредни надзори. Периодов акцент ќе биде ставен на туристичките места како Струга, Охрид, Преспа, Дојран – рече Миланов неодамна.
Барбара Галани, раководител на Секторот за комуникација и партнерство при Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, како одлична ја оцени соработката со надлежните органи за безбедност на храната на Македонија.
Од АХВ велат дека во врска со поминатиот рок на производите, одговорност имаат, пред сè, операторите со храна кои мора да ги почитуваат законските и подзаконските акти.
– АХВ по дојава на граѓани, по редовни и вонредни контроли казнува и ја уништува храната со поминат рок, но операторите се должни таа стока заедно со официјален инспектор да ја однесат на соодветните депонии – додаде директорот на АХВ.
Инаку, инспекциските контроли на храната од почетокот на годинава ја надминаа бројката од 12.000 само во внатрешниот промет. Како небезбедни, досега се уништени околу 56 тони храна од животинско и неживотинско потекло. За утврдените недоследности се изречени 1.325 мерки, од кои 260 парични казни и други казни како времени забрани за вршење дејност, а поднесени се и прекршочни пријави.


