Илустративна фотографија / Профимедиа

Законот го има, системот функционира, привремени вработувања нема

Во Законот кој стапи на сила на 1 јануари, точно е одредено каде може да има повремени и сезонски ангажирања на лица и утврдено е дека мора да се плаќа пензиски и здравствен придонес

Од 1 јануари во функција е Законот за работно ангажирање на лица што овозможува пензионери, студенти и други категории работници сезонски да работат, со тоа што ќе им се уплаќа пензискиот и здравствениот придонес. Од Агенцијата за вработување за „Слободен печат“ изјавија дека системот е во функција, односно ако некој работодавач сака на таков начин да вработи работник, може тоа и да го направи, но засега нема пријави. На крајот од минатата година се водеше трка со времето за воспоставување на дигиталната инфраструктура и имаше сомнежи дали ќе се стигне навреме.

– Системот е подготвен. Сè е електронски. Очекуваме пријави – велат од Агенцијата за вработување.

Работодавачот може да ангажира лица за вршење определен вид работи од повремена или сезонска природа во секторите: Земјоделство, шумарство, рибарство; Објекти за сместување и сервисни дејности за храна и Дејности на домаќинството како работодавач. Работодавачите може да ангажираат работници од 60 до 180 дена, но крајниот рок е само за земјоделие.

Со оглед на дејностите на кои се однесува Законот, се очекува вакви пријави да има во летните месеци.

Во Законот точно е одредено каде може да има повремени и сезонски ангажирања на лица и утврдено е дека мора да се плаќа пензиски и здравствен придонес. Овој Закон се донесе и поради фактот што според Државниот завод за статистика над 100.000 луѓе работат во неформалниот сектор. Ако некој на своја рака ангажира сезонски или привремени работници, следуваат казни. Глобите се различни, во зависност од прекршоците и се до 3.000 евра за голем работодавач.

Евидентираното невработено лице кое е работно ангажирано во согласност со овој закон, не го губи правото на паричен надоместок стекнато по основ на осигурување во случај на невработеност и не се брише од евиденцијата на невработени лица. Исто така, корисник на старосна и семејна пензија, како и лице корисник на право на социјална сигурност, не го губи веќе стекнатото право. Исто е и со стекнатите права на студентите и на учениците.

Работно ангажираното лице може да работи најмногу 12 часа на ден, односно најмногу 48 часа неделно, со право на паузи, дневен и неделен одмор, во согласност со општите прописи од работните односи.

Во Законот се предвидени и мерки за спречување злоупотреби за да нема „вечни сезонци“. Па покрај временското ограничување за ангажманот во текот на една година, наведено е дека истовремено може да се ангажираат најмногу до 10 лица или најмногу до 10 проценти од вкупниот број вработени лица кај истиот работодавач

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот