Заев со барање до опозицијата: Да понесете одговорност за искажаните лаги за случајот со Мијалков

epa08546948 Leader of the ruling party SDSM Zoran Zaev addresses to the media after voting in the city of Strumica, Republic of North Macedonia, 15 July 2020. Almost two million Macedonians vote in a early Parliamentary elections three months after they were postponed due to the coronavirus pandemic. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на прашање од пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ каде се криел Сашо Мијалков кој два дена беше недостапен на органите на прогонот, рече дека од сите аспекти било потврдено дека тој бил во Скопје. Оцени дека е неодговорно да се тврди дека првообвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“ бил надвор од градот или државата и ја повика опозициската партија да понесе одговорност за сите искажани, како што рече, лаги во врска со неговото приведување.

– Самите докази кои се приложени во делот од постапката покажуваат дека неделата излегува во хотелот „Мериот“, половина час е во „Мериот“ со женско лице (сопругата) и уште три лица од обезбедувањето. Некаде попладне излегува од „Мериот“ и оди на улицата „Салвадор Аљенде“, односно „Тодор Александров“ број 69, каде што му е едно од живеалиштата, покрај другото на „Народен фронт“. До доставување на судскиот налог, веројатно бега од своето во некое од соседните објекти, маала, но е тука. И тоа е јасно и недвосмислено докажано. И сега дали тврдењето два дена дека има договор, дека власта го пушти, дека Заев се договорил, дека организирано е бегството на Мијалков токму од владечката коалиција и испадна дека не е така. Еве го Сашо Мијалков е во домашен притвор и каде е одговорноста на опозицијата за овие тврдења. Јас реков преземам одговорниост ако не го најдеме. Каде е одговорноста на опозицијата за ваквите тврдења, што бидна со „Мериот – коалицијата со СДСМ, праша премиерот Заев.

Тој додаде дека најтешкиот предмет за прислушувањето е на крај и утре се очекува пресудата каде вели, знаеме кои се се осомничени, луѓе-милионери.

– Пари бушат по цел свет, но еве го процесот е доведен до крај. Нема никакви тајни коалиции. Сашо Мијалков вие го славевте до пред три-четири години. Секогаш делот на ВМРО-ДПМНЕ вие го следевте, а функциите ви ги даваа ви беа мили и не само што го следевте името и презимето ви беше страв да му го соопштите и не само вие, туку сите во државата. И денеска по четири пати на ден се менува ставот за Сашо Мијалков, човекот кој заедно со Груевски го постави сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека судот утре ќе потврди уште многу други лаги за договарања со Заев или слично и на крајот треба власта да понесе одговорност, а опозицијата што да направи? – Да си понесе одговорност. Одговорноста доаѓа со правата, затоа што секоја лага, секоја невистина, се што ќе се каже, нашиот народ го цени и знае се, и ви тврдам се додека продолжувате со вакви неодговорни политики, лаги и кочења, народот ќе ви каже исто што ви кажа на последните избори – порази. Тој пораз на ВМРО-ДПМНЕ ќе расте, но ќе растат и победите на СДСМ и коалицијата. Затоа што, согласно правото и честа да се биде голем учесник во политиката, следува и правото и честа на големата одговорност во политиката, рече Заев.

Тој иронично праша дали можеби Мијалков не бил во Белата палата, седиштето на ВМРО-ДПМНЕ како една од можните опции каде би можел да биде.

– Дефинитивно тоа што го направи власта го принуди со сите законски дозволени средства да се пријави на органите на прогон и да си го прими решението за притвор, рече Заев.

На дополнителното прашање од Николоски, Заев рече дека со преземените мерки и активности со кои МВР си ја заврши својата работа, а Обвинителство и судот својата работа, и по 40 часа е постигната целта.

– Успехот се гледа во постигнување на целта. Комплетно се повикани сите потенцијални организатори и помагачи. Имаме постапено согласно сите правни прописи во државата и апсолутно е принуден како печурка по дожд да се појави во јавноста и тоа е успешно спроведена акција. Комплетно целосно, согласно системот, согласно сите надлежности на институциите кои ги имаат, по слово на законот вашиот поранешен лидер во сенка е спроведен да си ја исполни мерката притвор и да си чека соопштување на пресудата, рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот