Заев: Кога економијата расте, добиваат граѓаните
По две и пол години силна и одговорна економска политика, граѓаните почнаа да ги чувствуваат придобивките – зголемени плати, намалени трошоци, помош за ранливите, растат странските инвестиции, а невработеноста е на историски најниската стапка од 17,4 отсто, истакнува меѓу друго премиерот Зоран Заев во денешното обраќање до граѓаните. Најавува дека Владата ќе продолжи да инвестира во силна и стабилна економија, и во човечкиот капитал.
Препорачано
Првиот човек на Владата „се пофали“ и со тоа дека владата успеала да потпише 34 нови договори за странски и домашни инвестици.
– Во периодот меѓу 2017 и 2019 година имаме 741 милиони евра странски директни инвестиции. За разлика од овој рекорд на странски инвестиции, во периодот од 2013 до 2015, имаше 457 милиони евра, а во периодот 2015 – 2017, 555 милиони евра странски директни инвестиции – рече Заев.
Тој додаде дека рекордните странски инвестиции во земјава дошле како резултат на неколку клучни фактори: Надминувањето на политичката криза, решавањето на споровите со соседите и одговорната економска политика.
Фокусот на економијата, заедно со членството во НАТО ќе донесе уште повеќе странски инвестиции, вели Заев, истакнувајќи дека поволните услови за странските и за домашните инвестиции, како и активните мерки за вработување, во изминативе две години отворија повеќе од 54.000 нови работни места. Во периодот 2013 – 2015 имало само 21.000 нови работни места.
– Денес дојдовме до историски најниската стапка на невработеност од 17,4%. Сметам дека е најважно за младите да обезбедиме добро платена и квалитетна работа, која ќе ги привлече да останат дома.Просечната плата порасна за 2.297 денари во овие две години, за разлика од растот од само 821 денари во времето на претходната Влада. Инициравме ново, дополнително покачување на минималната плата на 14.500 денари. Во времето на претходната Влада минималната плата изнесуваше само 9.000 денари – смета премиерот.


