Заев ја зголемува безбедноста во комуникациите: Променет и неговиот телефонски број

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Претседателот на Владата Зоран Заев и неговиот кабинет преземаат мерки за зајакнување на ефикасноста и безбедноста во спроведувањето на транспарентната агенда составена од состаноци, настани и комуникации.

Како што соопшти владината прес-служба, во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.

Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на Кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници.

Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка, додава владината прес-служба.

Согласно најавата за одлучно спротивставување и справување со дезинформации и со напади врз демократијата во земјата, Кабинетот на премиерот подготвува План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста, а потоа и консултирана со засегнатите чинители и со стратешките партнери на земјата, стои во соопштението.

Натаму се додава дека премиерот Заев и Кабинетот се посветени на унапредување на отворениот и транспарентен начин на работа, во согласност со безбедната употреба на новите технологии и со протоколите кои произлегуваат од современите начини на менаџмент и управување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот