Заев и Рама и Вучиќ на трилатерална средба ги договорија приоритетите – Слободен печат
ВестиМакедонија

Заев и Рама и Вучиќ на трилатерална средба ги договорија приоритетите

Вечерва во Охрид се одржа средба на тројцата лидери.

Претседателот на Владата  Зоран Заев, заедно со Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Република Албанија Еди Рама, во пресрет на состанокот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи утре, во недела на 10 ноември, одржаа трилатерална средба на која разговараа и ја утврдија декларацијата со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка.

„Оваа декларација со листа на приоритети и мерки доаѓа по претходната нивна заедничка средба во Нови Сад. Во основата на декларацијата е соработката, заедничкиот ангажман и елиминирање на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал, како придонес за граѓаните од сите земји од регионот во остварувањето на заедничка крајна цел – полноправно членство во ЕУ. Од определбата за поинтензивна соработка врз основа на заеднички усвоена декларација се очекува на граничните премини, покрај заедничките царински контроли да има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, како и слободно движење на граѓаните во трите земји само со лични карти“, се вели во соопштението.

Декларацијата ги најавува можностите на отворен пазар и пристап за бизнис иницијативи во целиот регион без разлика на местото на основање на компаниите, создавање нови работни места и поттикнување на потенцијалите за севкупен развој. Оваа иницијатива отвора големи можности за младите од поврзувањето по угледот на европскиот модел за имплементирање на стандардите на ЕУ со цел економски напредок на земјите од Западен Балкан и целокупната демократска трансформација.

Вечерва на премиерите Заев и Рама и Претседателот Вучиќ ќе им се придружат и Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија за Црна Гора Драгица Секулиќ, на вечера што ја приредува Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, а утре ќе започне работниот дел од состанокот на лидерите на Западен Балкан.

Во програмата на утрешниот состанок е предвидена и пленарна сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан со претставници на Европската Унија, на Советот за регионална соработка, на Светската Банка, на Европската банка за обнова и развој, на Европската инвестициска банка, по што ќе се одржи и заедничка прес конференција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

  1. Идеата е многу добра, но сепак ќе треба да почекаме времето да ги покаже придобивките од овие договарања. За граѓаните од трите држави ова на некој начин ќе биде освежување бидејќи границите ќе бидат отворени. Добро би било ако се придружат БИХ и Црна Гора и сите оние кои веруваат во оваа добра идеа., без разлика што за сето ова ги има и оние скептици… Само напред, ако веруваат во оваа идеја, таа ќе успее и на некој начин Балканот полека се отвора кон себе си.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close