Плакат за проектот „Човек во размер - (ре)откривање на јавен простор“

Заедничко дејствување на архитектурата и визуелната уметност во (ре)откривањето на јавниот простор

Презентација на проектот „Човек во размер – (ре)откривање на јавен простор“ на Максим Наумовски и Иван Ивановски придружена со изложба ќе се одржи на 15 октомври, во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

Настанот е во организација на „Фликер Студио“ во партнерство со архитектонското студио „К87а“ и КСП „Центар-Јадро“, а се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

– Урбаниот развој на Скопје мора да произлегува од сопствениот дух и топографија, наместо од брзо и некритичко прифаќање на униформни урбанистички решенија што ја бришат локалната меморија и човечката мера. Градот треба да се развива преку процес на постепено „допишување“ односно внимателно читање и надградување на постојното, каде секоја интервенција произлегува од контекстот и слоевитоста на местото. Наместо апстрактни планерски концепти, потребен е пристап што ја препознава улогата на архитектурата што одговара на размерот на човекот, на улицата и на јавниот простор како сцена на секојдневниот живот.

Проектот ги испитува овие прашања преку заедничко дејствување на архитектурата и визуелната уметност. Наместо да го третира градот како фиксен систем на форми, тој го разгледува како променлива структура обликувана од секојдневни практики, материјални остатоци и навики на користење. Работата започнува со еден фрагмент од Скопје, кој го опфаќа Културниот центар „Јадро“ и околниот простор кој во последните години го изгубил својот јавен карактер. Со потенцијал за собирање и размена, тој постепено се испразнил од својот граѓански живот, претворен во подлога за складирање наместо место за средба.

Во рамки на овој урбан контекст, скулптурите се поставени како барикади кои се појавуваат како просторни маркери и симболи на отпор. Нивниот изглед е втемелен во бруталистичката традиција на сирова материјална искреност и јасна, недекоративна форма. Масивноста, тежината и грубата текстура ја комуницираат идејата за итност на делување. Тие изгледаат како да повикуваат на акција – на окупација на просторот од страна на граѓаните, на негово зацврстување и зацементирање пред да биде одземен, приватизиран или избришан од јавната меморија.

Со своето поставување, барикадите го насочуваат, запираат и дефинираат движењето, создаваат нови траектории и нова функционалност во просторот каде минувачот е принуден повторно да ја прочита својата патека, да застане, да забави, да се соочи со формите околу себе. Овие објекти можат да се гледаат истовремено како скулптури со своја автономна естетика, како архитектонски елементи што го редизајнираат просторот, или како урбанистички алатки што го маркираат колективниот однос кон јавниот простор. Во нивната суштина тие раскажуваат приказна за борбата за простор – за границата помеѓу јавниот и приватниот интерес, за постојаниот судир меѓу граѓаните и институциите.

Преку процесот на моделирање, оваа состојба е истовремено документирана и преосмислена: зградите, автомобилите и улиците се реконструирани, само за потоа да бидат покриени со континуиран слој од хартија и лепак, спојувајќи ги сите елементи во единствена топографија. Така настанува пејзаж кој е истовремено апстрактен и допирлив, осцилирајќи меѓу присуство и отсуство, град и скулптура, меморија и бришење – стои во описот на проектот.

Максим Наумовски е докторанд на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал 2009 година на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ. Од 2010 година работи како лаборант, а потоа и како асистент по група предмети од областа на проектирањето на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС Скопје. Од 2014 до 2016 година работи како соработник во наставата на Техничкиот универзитет во Виена, Архитектонски факултет, Институт за урбан развој и пејзажна архитектура и дизајн. Од 2015 до 2017 година работи како надворешен соработник во архитектонското студио „Bosshard & Luchsinger Architekten AG“, во Виена, Австрија. Во 2022 го основа архитектонското студио „k87a.xyz“ со кое работи на бројни архитектонски проекти.

Иван Ивановски (1983) дипломира вајарство на ФЛУ – Скопје (2008), а во 2014 ја завршува Академијата за филмска режија на ФАМУ во Чешка. Во моментов е на постдипломски културолошки студии. Има реализирано 26 самостојни изложби (Скопје, Белград, Њујорк, Берлин, Љубљана…) и бројни групни настапи (Нотингем, Рим, Амстердам…). Работи скулптура, цртеж, инсталација, сликарство, видео, филм и анимација. Автор е на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк – Скопје и добитник на наградата „Денес“ (2014).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот