Забранета посета за бебињата во инкубатор: Во 4 месеци ниту еднаш не го видов, потоа ми јавија дека починало

фото: МИА

До кога ќе биде забрането да се гледаат бебињата, да се допрат за раче, родителот да го следи развојот на своето родено? Зошто родителите имаат забрана да ги гледаат од блиску своите бебиња и да кенгурираат, нешто најважно на свет? Зошто само се смислуваат оправдувања за родителот да не е дел од првите месеци на своето бебе што се бори? До кога ќе се одбива мајчино млеко или ќе нема услови за да се молзат мајките знаејќи колку е важно мајчиното млеко за тие бебиња? Ужасно е ова што се прави, вели Симона Арсовска која има група за подршка на родители на предвреме родени бебиња.

Таа нагласува дека секојдневно и пишуваат мајки со премалку информации за своите бебиња кои се се уште во инкубатори, исплашени и истрауматизирани.

– Бебињата се чуваат како родителите да се лепрозни, место да слушнат глас на мајката која ги родила тие седат таму сами како отфрлени со месеци. Нема оправдување. Секаде во светов мајката барем е со своето бебе, а тука нема ни нормална посета. Треба сите да реагираме. Треба сите да се побуниме. Не е нормално два месеца мајка да не си допре бебе и глас да не му слушне. Како да се бори тоа бебе?, прашува Арсовска.

Поддршка за нејзиното барање да се воведе посета кај предвреме родените бебиња даваат многу мајки чии бебиња се таму, или пак некогаш биле во инкубатор.

– Моето предвреме родено бебе четири месеци беше во болница. За тој период ниту еднаш не го видов, ги молев да ми дозволат, но ми кажуваат дека протоколот  е таков.  На крајот, моето бебе почина, а јас не успеав ниту еднаш да го видам, раскажува една од мајките кои даваат поддршка на оваа иницијатива.

И здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца „Лулка“ дава поддршка на родителите кои сакаат да бидат со своите предвреме родени бебиња.

– Иако пред ковидот имаше напредок во однос на посетите и редовното посетување на родителите, со ковидот, не само кај нас туку секаде имаше рестрикции во однос на рестрикциите, но тоа релативно брзо се надмина, додека кај нас се’ уште трае ковид забраната. Според нас, треба да се прекине таа забрана и итно да започне посетата на предвреме родените бебиња, велат од „Лулка“.

Од таму додаваат дека мајчиното млеко е од исклучителна важност за брз напредок на бебињата.

– Поврзувањето на мајката и бебето е многу важно а тоа е отежното, придобивките од мајчиното млеко се многу големи, подобро здравје на бебињата, побрз напредок, имаат помалку компликации, велат од Лулка.

Директорката на Гинеколошко акушерската клиника, Викторија Јовановска, вели дека во моментов се дозволува посета на хоспитализираните мајки, а  по празниците се планира значително олабавување на протоколите.

– Во моментов дозвола за посета имаат мајките кои се хоспитализирани на ГАК. Планираме по празниците да ги олабавиме мерките, со тоа што ќе дозволиме посета и на мајки кои веќе добиле отпусна листа,  но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба на самите мајки, рече д-р Јовановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот