За руските интереси се грижат домашни проруски сили

Архива СП

Бугарскиот претседател Радев е експонент на руските интереси и во Бугарија и во Македонија. Во ЕУ и во НАТО треба јасно да се каже дека неговото однесување и практичното делување е во интерес на Русија, а не на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија, вели Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.

Никој нема дилема дека Русија има силно влијание во балканските земји, но луѓето стручни за безбедносните проблеми предупредуваат дека таа не може да ги оствари своите интереси без домашни, локални поддржувачи, и јавни и тајни, на нејзината политика.

„Од нестабилноста пoмеѓу Бугарија и Северна Македонија единствена корист има Москва“. „Тензиите меѓу двете земји се предизвикани од поединци и групи кои се против македонските евроинтеграции и членството во НАТО“. „Провокациите доаѓаат од држави кои не се дел од ЕУ и од центри од трети држави кои историски имале интерес овој регион да не биде во НАТО и во ЕУ и да има замрзнати конфликти“. „Македонците први кажаа дека Русија е замешана во расипувањето на односите со Софија“. Ова се само дел од коментарите и заклучоците и во Бугарија и во Македонија околу влијанието на Русија на Западен Балкан.

Минатата година бугарските специјални служби дури опишаа и обиди за влијание на Русија врз процесите во Западен Балкан и за „преземање“ на бугарските заедници надвор од границите на земјата, а руските разузнавачки мрежи на Балканот станувале сѐ поактивни со центар во Ниш. Од македонска страна, пак, имаше директни обвинувања дека Русија стои зад антибугарската „хистерија“ во земјава.

Македонските експерти од областа на безбедноста се едногласни дека Русија има интерес на Балканот и од политички и од економски аспект, како и дека руското делување во регионот е дел од поширока стратегија за поткопување на демократијата и на западните вредности во целиот западен свет со цел зајакнување на позициите на Москва.

Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност, смета дека Русија има интерес на Балканот, тоа го покажувала и порано и денес и дека сака своето влијание да го има и во наредниот период.

– Тука нема никакви дилеми, таа е и од политички и од економски аспект заинтересирана и така ќе продолжи да се однесува кон Балканот. Тоа е нејзина интересна сфера и не сака да ја отстапи никому. Меѓутоа, нејзиното влијание не би било толкаво ако не наоѓа заинтересирани поединци и групации, па и политички субјекти и партии кои одат во прилог на нејзините настојување за воспоставување на тој интерес во овој дел од Балканот – вели Марковски во изјава за „Слободен печат“.

Сепак, за него е чудно што исклучително се напаѓа Русија, без да се персонализираат проблемите и во Македонија и во Бугарија. Кога Русија не би имала свои поданици и во двете земји не би можела да го остварува своето влијание, како што се обидува сега, па вината треба да се бара не само кај Москва туку и кај поддржувачите на нејзината политика.

Кои се виновниците? Марковски го посочува бугарскиот претседател Румен Радев како исклучителен поддржувач на руската политика и на руските интереси и додека е тој претседател „нашата сервилност кон бугарската политика ќе произведува вакви настани и ваква економска и политичка состојба во Македонија“.

– Радев е експонент на руските интереси и во Бугарија и во Македонија. Во ЕУ и во НАТО треба јасно да се каже дека неговото однесување и практичното делување е во интерес на Русија, а не на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија. Радев е најголемиот виновник за ова што се случува сега, заедно со неговите поддржувачи, во прв план бугарските социјалисти и техничката влада која ја постави тој – вели Марковски.

За универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски Балканскиот регион е дел од хибридниот конфликт помеѓу Западот и Русија, а основна цел на руската стратегија за Балканот е забавување на интеграцијата на земјите во НАТО и во ЕУ и ширење недоверба кон нив, и корумпирање на демократските системи.

– Пропагандата е традиционална руска мерка кон Балканот, која цели кон словенските православни заедници, а главната порака е „специјалната врска“ која ја имаат со Русите – вели Ѓуровски за „Слободен печат“.

Според него, Руската Федерација има четири посебни цели: Влијание во процесот на донесување одлуки во секоја поединечна држава од регионот, освојување на „срцата и умовите“ на народите, ерозија на институциите и политичкиот систем преку поттикнување недоверба во демократските и државните институции, како и интраетничка, интеретничка, социјална, културна и политичка поларизација на општествата, што води кон лошо владеење во секоја поединечна држава и зголемување на енергетската зависност во регионот.

– Руското делување на Балканот е дел од пошироката стратегија на Путин за поткопување на демократијата и западните вредности во целиот западен свет со цел зајакнување на позициите на Руската Федерација. Модусот операнди на руската надворешна политика и на руските разузнавачки служби е ист и во Европа и на Балканот, но секогаш е приспособен кон локалните околности. Во моментот, точки со најголем „прозорец на можности“ на Балканот, односно „жешки точки“ се дијалогот Србија – Косово и состојбите во БиХ поврзани со Република Српска, заклучува Ѓуровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот