За огревно дрво платиле уште летоска, а никако да им стигне

огревно дрво/ Фото: Слободен печат

Граѓани што платиле огревно дрво уште летово, се жалат дека не добиле ниту „трупче“ и дека се смрзнуваат покрај студените печки за греење. Од „Национални шуми“, пак, смируваат дека уплатените количини ќе стигнат, но факт е дека грејната сезона веќе е во полн ек!

Нашата соговорничка од Македонски Брод во паника вели дека не знае што да прави со греењето, затоа што друга алтернатива нема, а парите за дрва веќе си ги дала.

– Дрвата што ги плативме пред повеќе месеци, никако да стигнат. Откако се смрзнавме, позајмивме мала количина од соседите, но тоа ли е решение? – огорчено прашува нашата соговорничка.

Директорката на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Јулијана Николова, во изјава за „Слободен печат“ тврди дека нема застој во испораките и дека граѓаните треба да бидат спокојни дека уплатените количини ќе им стигнат. Според неа, до јавното претпријатие досега не стигнале поплаки од граѓаните.

– Работата на дрвосечачите зависи од временските услови, понекогаш се работи на непристапен терен, а последните дождови им предизвикаа проблеми на работниците – вели Николова.

Во јавноста се појавија шпекулации и дека „Национални шуми“ извезува дрво. Но, Николова е децидна: „ Не извезуваме огревно дрво и немаме право на тоа. Сите што уплатиле, ќе добијат дрва. Годинава сме дури подобри од лани“.

Во зависност од потребите на едно семејство за есенско-зимските месеци му е потребно меѓу 5 до 15 кубици огревно дрво. Македонија располага со 1,1 милиони хектари шума, од кои 88 до 90 проценти се во сопственост на државата, а остатокот е во приватна сопственост. Од овие површини 25 проценти се квалитетни шуми, а 75 отсто се наменети за огревно дрво. ЈП „Национални шуми“ годишно сече до 600.000 метри кубни огревно дрво, а сопствениците на приватните шуми сечат во просек од околу 100 илјади метри кубни.

– Цената на еден кубик огревно дрво е околу 2.500 денари и неа ја одредува Владата, а не е променета повеќе од десет години – информира Николова.

Продажбата  на огревно дрво за физички лица може да се врши најмногу на 6 рати. Право на склучување договори имаат подружниците во кои се целосно подмирени обврските од изминатите години согласно договорите со граѓаните. Повеќе рати и попуст од 10 отсто ако се пазари во готово имаат социјално ранливите категории. Ланскиот рок за поднесување барање и склучување договори почна од 16 декември и траеше до исполнување на планираните количини огревно дрво во триесетте подрачни шумски стопанства или до 31 март годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот