За неплатен паркинг од 50 денари, платил долг од 15.000 денари?!
Според Министерството за правда, системот на извршување е исклучително функционален, а законските измени што ќе следуваат се со цел да се допрецизираат некои недоречености, кои во практика значеле различна примена од страна на извршителите.
По објавата од пред една година дека почнува процесот на подготовка на изменување и дополнувања на Законот за извршување, Предлог-законот ја доби својата конечна верзија пред една недела. Според Министерството за правда, системот на извршување е исклучително функционален, а законските измени се со цел да се допрецизираат некои недоречености, кои во практика значеле различна примена од страна на извршителите. За Конфедерацијата на слободни синдикати (КСОМ), која алармираше за новото законско решение, тоа е само шминка и нема суштински измени какви што тие со години бараат.
Препорачано
– Имало состаноци за овој закон. Биле викани банкари, адвокати, нотари… но никој од граѓанскиот сектор. Еве што се случува сега. Ова е вистински пример. Човекот дојде кај нас да се пожали. За долг од 50 денари за паркинг, јавното претпријатие ангажирало адвокат, кој наплатил 6.000 денари, плус мора тоа да се достави до нотар, па тој додал уште 4.000 денари, и на крај се плаќа и извршувањето. Не е ли срамота за 50 денари долг да се плати 15.000 денари? Со новиот закон нема измени на оваа спрега адвокат-нотар-извршител, дури и за мал долг. Има само некакво шминкање на законот – вели Марјан Ристевскм, претседател на КСОМ.
Во образложението на Предлог-законот, Министерството за правда даде своја оцена.
„Министерството за правда низ годините наназад постојано и непречено го следи функционирањето на новиот систем на извршување, и тоа како од аспект на ефекти од извршувањето, така и од аспект на успешност на функционирањето на извршителската должност, поради што законот има претрпено неколку измени и во 2016 година беше донесен нов Закон за извршување (…). Притоа, со задоволство се констатираше, дека новиот систем на извршување на извршните исправи е исклучително функционален, ефикасен и дава екстремно позитивни резултати“, пишува во Предлог-законот.
Меѓутоа, како што забележува Министерството, спроведувањето на Законот покажа дека одредени законски решенија останаа недоречени, други, пак, практиката ги лоцираше како нефункционални, што предизвика различна примена и толкување од страна на извршителите, што остави можност за различна примена при спроведување на извршувањето.
„Токму поради сето напред изнесено, се предлага донесување измени и дополнувања на Законот за извршување, во правец на прецизирање на законските одредби во делот на постапувањето на извршителите при спроведување на извршувањето, надминување на проблемите со различното постапување на извршителите и пропишување јасни законски одредби во насока на ефикасно спроведување на извршувањето“, велат од Министерството.
Нивната оцена е дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување ќе има исклучително позитивни економски влијанија, со оглед на фактот што овозможува уште побрза и поефикасна наплата на побарувањата на доверителите, што овозможува побрз обрт на средствата во стопанството и подобра бизнис-клима.


