Зa македонските снобови

данило коцевски

„Книгата за снобовите“ на Вилијам М. Текери може да биде добар патоказ за нашата сè уште ненапишана книга за македонските снобови. Македонските снобови во последно време се особено актуелни, како и оние на Текери, иако тој зборува за 19-ти, а ние за 21 век. Македонските снобови денес полека го преземаат приматот во постојано актуелниот натпревар наречен „снобови без граници“.

Снобот може бескрајно да ужива во својата понизност пред оној од кој е понижен, и тоа горделиво понизен, но да биде и бескрајно арогантен кон оние што се под него. Од едната страна е понизноста во која тој ужива, а од друга страна е лажната горделивост и надменоста што го претставува во блескава светлина која е симулирана. Се разбира, не станува збор само за политиката, туку за сите пори во општеството. Зашто снобовштината е октопод со пипци што се неуништливи и на кои секој може да биде подложен. Снобизмот не мора априори да има политички квалификатив, но не е имун на него. Едни снобови се универзалци кои стојат, главно, зад општите вредности, другите се оние „нашите“, за кои само она нашето е „нај“ – најдоброто на светот.

Снобот мора да биде најдобар во симулацијата, ама тоа нема никогаш да го признае.  Симулацијата станува вредност, а вредноста симулација, во тоа мешање на работите е проблемот. Во нашите услови на криза и релативизација на вредностите, пред сè, моралните, снобови и снобовштина има колку што сакате. Снобовите настојуваат нештата да ги постават на глава, а потоа да не убедуваат дека тоа е нормално. Тоа е така во сите сфери, во сите професии, љубови и омрази. Снобот е „нај“, дури и кога понизно го велича сопствениот понижувач.

Господине Вилијам М.Текери, нашата македонска книга на снобовите не се разликува и нема да се разликува од вашата, бидејќи станува збор за вечна категорија. Самиот збор snob доаѓа од латинското sine nobilitate, во буквално значење „без благородништво“. Но ние благородништвото снобовски го имитираме, и тоа многу успешно. Ваквото благородништво и господство кои, всушност, не постојат, кај нас вешто ги имитираше еден наш сноб („сноб-кицош“, тоа е ваша синтагма), така што тој успешно сите нè повлече за нос, од што сè уште не можеме да се освестиме. Неговите шопинзи по белосветските бутици се само дел од приказната за фаталноста на нашата снобовштина на која ѝ веруваме. Како што вие би рекле, ние имаме „богата рудна жица на снобизам“, инволвирана во сите домени. Да се биде воодушевен од снобот е првиот чекор и самиот да се стане сноб. Но да го оставиме засега нашиот господин Снобли („шкртоста е одлика на снобовите. Разметливоста, исто така. Преобилноста е снобовска. Трчањето за племството или, би рекле, за политиканството, исто така“).

Вие, господине Текери, се прашувате: „Каде се и театарските снобови, лекарските снобови, административните и правничките снобови, уметничките, музичките и спортските снобови?“ Понатаму велите дека со задоволство би напишале поглавје за „снобизмот на универзитетските професори и уште едно поглавје за снобовите кицоши“. Вие за снобовството на вашите англиски професори веќе напишавте, но за нашите универзитети и професори нам допрва ни претстои работата. Секоја чест за неснобовштината на некои од нив, но нивната честа ароганција пред академската популација и понизноста пред моќта на политичката олигархија и додворувањето кон неа, се типични примери на снобизам. Нивните длабокоумни зафати и интелектуални промислувања во политиката, со години не н помрднуваат од местото. Колку убаво ги сликате литературните снобови, иронично жигосувајќи ја нивната снобовштина. Со тоа ја потикнувате размислата за нашите литерарни снобови што во последно време се членови на сите можни управни одбори, комисии, здруженија, чиј „авторитетен критички глас“ надалеку се слуша. Колку е убиствен вашиот сарказам, господине Текери, кога ги сликате литератите од вашето време и поднебје. Како да сте ги пресликале нашиве: „Неоспорно е дека меѓу литератите нема снобови. Погледнете ги сите англиски книжевници, и јас ве чекам да го вперите прстот во еден единствен од нив кој би бил завидлив или вообразен… Навистина, повремено ќе слушнете некој литерат како го озборува својот брат, но зошто? Тоа не е од злоба ниту од завист, туку од љубовта кон вистината и од чувството на должност кон јавноста… Понекогаш некој од нас ќе се прослави, но ние во тој случај никогаш не го напаѓаме ниту му се потсмеваме, туку сите до еден се радуваме на неговиот успех“.

Ги сликате француските и англиските снобови паралелно, така што тоа е добар пример за пристапот кон нашиве, македонски снобови. „Ние сме навикнале да им се потсмеваме на Французите поради нивните фалби и неподносливата суета искажана во слоганот ‘Франција, слава, Император’. Но јас, сепак, во душата верувам дека на англискиот сноб, според неговата вообразеност и фалбаџиството, му нема рамен на светот. Во француската вообразеност секогаш има нешто непријатно. Кога се фали, Французинот крева многу врева, беснее и гестикулира, извикува дека Французите се на чело на цивилизацијата и дека од нив потекнуваат сите мисли… Кај англискиот сноб, напротив, нема такво викање ниту врева… Ние, Англичаните, едноставно сме најдобри на светот“.

Ете, така, господине Текери, во снобовштината нема мали и големи народи и нации, во неа сите сме „најголеми“ и сите сме основоположници на цивилизацијата. Таквата снобоманија повремено не нè одминува ниту нас Македонците. Затоа, треба да ја прифатиме вашата критичка луцидност кога велите: „Вие кои ги презирате своите блиски, снобови сте, вие кои ги заборавате пријателите за да им се додворувате на повисоките од себе, снобови сте, вие кои се срамите од своето сиромаштво и црвенеете поради своето занимање, снобови сте, а исто така и вие кои се фалите со своето потекло или се удирате в гради поради своето богатство…“. Снобови сте, беспоговорно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот