За Ковачевски е добро е што официјална Софија сака деескалација, Маричиќ вели дека се прават обиди за справување со провокациите

Изјава на премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски/Фото: Скриншот

На ниво на односи помеѓу две страни потребна е деескалација од двете страни и добро е што изјавата која што доаѓа од официјална Софија е дека тие сакаат деескалација, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. За тоа дали има официјално најавена делегација од Бугарија за роденденот на Гоце Делчев, Ковачевски рече дека во моментов нема информација за официјална најава, но дека се уште има време до 4 февруари.

Во изјава за медиумите по завршувањето на првиот панел од конференцијата „Година на нови можности”, Ковачевски истакна дека провокации на поединци, кои имаат име и презиме и коишто се санкционирани согласно законите во нашата држава не можат да бидат основа и не можат да претставуваат основ да се смета дека цела наша држава или нашите институции имаат таков однос.

 Ние сме држава која на највисоко ниво го има издигнато остварувањето на правата на граѓани коишто се самоопределуваат на друг начин од Македонците, коишто сме најбројни во државата. За тоа имаме институции, за тоа имаме уставно уредување, за тоа имаме низа на закони какви што закони нема ниту една земја во Европа. Тоа е нешто на што можеме да бидеме горди, изјави Ковачевски.

Од друга страна, посочи Ковачевски, Бугарија се наоѓа во избори и постојат политичари коишто со национализам и со популизам сакаат да остварат политички профит, односно да добијат глас повеќе за наредните избори во Бугарија, тоа слично се случува и кај нас кога сме во избори, меѓутоа тие не може да бидат основата за градење на односи помеѓу двете држави.

Во однос на тензиите, Ковачевски, рече дека се предизвикани од поединци и од групи коишто се против европскиот пат  и коишто се против интеграција на регионот во ЕУ.

 На официјалните институции и на Северна Македонија и на Бугарија, меѓутоа и на другите земји од регионот е да работат на спроведувањето на европската агенда, а ние како Влада сме посветени и јас уште од првиот ден кога станав премиер кажав дека ние на база на европски вредности секогаш ќе разговараме со нашите соседи ценејќи го нашето достоинство и штитејќи ги нашите национални интереси. Во таа насока се и заклучоците коишто ги донесе нашето Собрание при изгласувањето на европскиот предлог каде што и оваа Влада, меѓутоа и секоја наредна влада е обврзана од националните интереси коишто се на врвно ниво издигнати за нивна заштита да преговараат со ЕУ до полноправно членство на земјата во ЕУ, изјави Ковачевски.

Маричиќ вели дека се прават обиди да се менаџираат провокациите и проблемите

 

Преку институционална комуникација се прават обиди да се менаџираат и провокациите и проблемите, кои што произлегуваат околу организацијата на 4 февруари, но и провокациите кои секојдневно доаѓаат од поединечни политичари од Бугарија, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочувајќи дека во комуникација се премиерите, шефовите на дипломатиите, а денеска има и средба меѓу министрите за внатрешни работи од двете земји.

Според Маричиќ, доколку продолжиме да комуницираме институционално и да држиме принципиелна позиција за заштита на нашиот државен и национален интерес од една страна, но и заштита на добрососедските односи и на евроинтегративниот пат, нема да имаме потреба, ниту причина да се грижиме, бидејќи, како што рече, сите обврски и наши и на Бугарија се запишани во заклучоците од Советот на министри и во преговарачката рамка.

Проблеми имало и ќе има, смета Маричиќ, но како што сега сме поставени, не треба да се грижиме. Дали ќе има понатаму простор за грижа, посочи тој, тоа ќе го видиме понатаму доколку има дополнителни изјави и заострување.

– Ние, со ниту една причина не дадовме повод за сериозна реакција, ниту пак за таква реакција, каква што следеше и затоа е битно да комуницираме со бугарските институции за да не дојде до ескалација или дополнителна ескалација повеќе од ова. Северна Македонија не даде никаква причина за ова, со оглед дека институциите навремено реагираа, истакна Маричиќ, во изјава за медиумите по завршувањето на првиот панел од денешната конференција „Година на нови можности”, во организација на Владата.

Во однос на заканите за враќање на ветото од страна на Софија, Маричиќ рече дека тоа многу повеќе го гледа како предизборен контекст во Бугарија, отколку како реална можноста, бидејќи за тоа, како што рече, нема причина.

– Ние јасно ги исцртавме условите под кои ќе се случи втората меѓувладина конференција. Тие услови претпоставуваат спроведување на уставните измени и завршување на скринингот и усвојување на скрининг извештајот. Ние сме фокусирани на тие приоритети и на тие прашања. Бугарија не би требало надвор од тие прашања да отвора какви било теми, изјави Маричиќ.

Нема да и е едноставно, смета вицепремиерот за европски прашања, на било која држава да блокира поради контекстот во кој се наоѓаме.

– Според мене, најдобра стратегија е да си ги исполнуваме нашите обврски, така како што се запишани во документите. Во тој случај нема да направиме грешка. Но, секако во секој даден момент да ги браниме нашите позиции и достоинството на нашите институции и граѓани, изјави Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот