За израелскиот администратор на Западен Брег не постои палестински народ!

Безалел Смотрич - Фотографија ЕПА, Абир Султан

„Има ли палестинска историја или култура? Не постојат. Не постои такво нешто како палестински народ“, изјавил Смотрич во неделата при посета на Франција

Израелскиот министер за финансии ги разгневи Палестинците и арапските соседи и ја вознемири меѓународната јавност со изјавата дека „не постојат палестинска историја или култура, па ни Палестинци воопшто.

Изјавата е особено чувствителна зашто во „најдесничарската влада во историјата на Израел“ министерот Безалел Смотрич е задолжен и за управување со еврејските населби на окупирана палестинска територија. Смотрич во кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху е вклучен заради поддршката од неговата верско-националистичка партија.

– Има ли палестинска историја или култура? Не постојат. Не постои такво нешто како палестински народ – изјавил Смотрич во неделата при посета на Франција.

Палестинскиот премиер Мохамад Штајех остро ја осуди изјавата на Смотрич, оценувајќи дека тоа е говор на омраза и отворено поттикнување насилства.

Смотрич уште повеќе ги навреди арапските соседи, говорејќи на подиум на кој била истакната карта на Израел со проширени граници, во кои се окупираните палестински територии Западен Брег, Газа и Источен Ерусалим, но и Кралството Јордан, кое во 1994 година беше втората арапска земја што склучи мир и го призна Израел.

Јорданските власти итно го повикаа израелскиот амбасадор за да му изразат официјален протест.

– Тоа е неодговорно и провокативно однесување со кое министерот ги прекрши меѓународните норми и го повреди јорданско-израелскиот мировен договор. Ваквото екстремистичко однесување притиска кон ескалација – изјави Синан ал Маџали, претставник на Министерството за надворешни работи на Јордан.

Соодветното израелско министерство реагираше на својот профил на Твитер, но не го осуди гестот на Смотрич.

– Израел е посветен на мировниот договор со Јордан од 1994 година. Нема промена во позицијата на Израелската држава, која го признава територијалниот интегритет на Хашемитското Кралство – објави Министерството.

Европската Унија ја осуди изјавата на Смоттрич како „опасна и контрапродуктивна“, а американскиот претставник за Национална безбедност Џон Кирби оцени дека САД „не сакаат да видат каква било реторика што би се испречиле на патот кон мировното решение со две држави“.

Изјавата на Смотрич ја разбранува арапската јавност во чувствителен период на вжештени судири помеѓу еврејски доселеници и палестински милитанти. Откако вооружен Палестинец во февруари уби двајца еврејски доселеници близу градот Хувара, доселениците возвратија со палење палестински домови и автомобили, при што загина еден Палестинец. Смотрич тогаш порача дека „Хувара треба да биде збришана“. Министерот подоцна објасни дека лошо се изразил, но не се извини.

Два дена по говорот на Смотрич, пратениците во Кнесетот го поништија законот за евакуација на четири еврејски населби на окупираниот Западен Брег од 2005 година, кога израелската армија се повлече, а еврејските доселеници беа евакуирани од другата палестинска територија на Појасот Газа. Со поништувањето на законот, еврејските доселеници би можеле да се вратат во напуштените области на Западниот Брег и дополнително да ја продлабочат кризата што се појави откако новата влада го објави контроверзниот план за судски реформи во јануари и во услови на најлошите судири меѓу двете нации во последните години.

Меѓународната заедница, вклучително и најблискиот сојузник на Израел, САД, ги смета еврејските населби за нелегални и се противи на изградбата на окупираните територии, за кои Палестинците тврдат и имаат намера таму да основаат независна држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот