За едни виртуелните валути се лоша илузија, за други тие се иднината

Биткоин/ Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Европската централна банка не излегла со став за криптовалутите, така што е сè уште рано ние да зборуваме за нивно официјализирање, вели академик Абдулменаф Беџети.

Академската јавност има различни видувања за идејата на ВМРО-ДПМНЕ да се официјализираат криптовалутите, за што веќе е изготвен и предлог-закон. Додека партијата убедува дека од вакво законско решение корист би имале и граѓаните и фирмите што тргуваат со странство, ставовите на експертите се движат од тоа дека виртуелните валути се лоша илузија до изјави дека мора да ги прифатиме, затоа што тие се иднината.

Академик Абдулменаф Беџети во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека Европската централна банка не излегла со став за криптовалутите, така што е сè уште рано ние да зборуваме за нивно официјализирање.

Во однос на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ преточен во предлог-законот, при трансакции со криптовалути да има ослободување од ДДВ, како и да се ослободат инвеститорите од данок на доход и од данок на добивка, академик Беџети вели дека овој предлог нема никаква логика.

– И трансакциите со криптовалути, практично се трансакции, и тие би морало да подлежат на истите правила како и сите други трансакции – категоричен е Беџети.

Економскиот аналитичар Арбен Халили за порталот „Локално“ вели дека вложувањата во криптовалутите треба да биде внимателно, но и дека не треба да се плашиме од нив.

– Тоа е исто како на некој да му кажевте пред 20 години да плаќа со кредитна картичка, секако дека на тоа ќе гледаше со голема несигурност. Или, пак, кој пред 10 години ќе веруваше дека сите плаќања ќе може да ги извршуваме преку телефон?! Сегментот на криптовалутите сè повеќе станува реалност и кај нас и од тоа нема зошто да се плашиме. Тоа што треба да се овозможи е цврста легална и финансиска регулатива, која ќе овозможи конкретни чекори, односно ќе се регулира пазарот на капитал со дополнителни трансакции какви што се тие со криптовалути. Тоа што веќе е реалност во поголемите бизнис-центри, за само неколку години ќе биде секојдневие и кај нас – смета Халили.

Криптовалутите ја поттикнаа и јавната дискусија на социјалните мрежи. Професорката Мирјана Најчевска смета дека „моќниците многу лесно ќе се приспособат на новата алатка и ќе ја искористат до нејзиниот максимум, и ќе обезбедат таа да работи за нив, а граѓаните ќе добијат илузија на еднаквост на шансите, илузија на избор и илузија на соодветно вреднување“. Таа на својот фејсбук-профил напиша и дека „проблемот на криптовалутите е токму во тоа што тие неверојатно лесно можат да создадат илузија која ќе ги доведе најголем број од луѓето во неверојатно лоша позиција, а вината за тоа ќе им биде припишана на нив самите“.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска објасни дека треба да се прави разлика меѓу крипто средства какви што се  биткоин, етериум, оне-коин… и дигитални валути што ги издава Народната банка. Во светот неколку земји имаат издадено такви дигитални валути и во тие случаи Народната банка е гарант, додека за крипто средствата нема никакви гаранции. Сега Народната банка тековно нема активности за издавање сопствена дигитална валута (дигитален денар).  Но, како што објасни Бежоска, Народната банка постојано го следи овој процес во светот, што значи дека не е исклучена можноста и Македонија да има свој дигитален денар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот