За да бидете здрави, редовно пијте чај од житарки!

Чаевите направени од варени житарки, можат комплетно да го исчистат организмот од наталожените токсини, да ги регенерираат виталните органи, комплетно да ги отстранат наталожените маснотии во крвта и да го намалат холестеролот.

Овие чаеви имаат богата традиција кај нас. Во минатото, нашите баби и дедовци редовно имале чај подготвен од јачмен, ’рж, пченица. За жал, сега малкумина ги консумираат житарките на овој начин. Во денешно време, кога ќе се спомнат житарки, веднаш се помислува на обработените зрна што ги додаваме во млеко или во јогурт и кои најчесто ги јадеме за појадок.

Чај од јачмен

Чајот од јачмен во Јапонија речиси секојдневно го пијат оние што имаат артритис, кои чувствуваат одредени симптоми на настинка или грип, или пак имаат одреден вид алергија.

Во оваа земја го пијат овој чај и луѓето што имаат проблем со воспаление на белите дробови и бронхитис.

Јачменот изобилува со незаситени масни киселини. Тој ги содржи витамините А, Д, Е и поголемо количество витамин Б12 (што е инаку ретко во растенијата). Покрај тоа, богат е и со минерали, како калиум, магнезиум, цинк, железо, фосфор, кобалт, флуор и јод.

Јачменот е богат и со пантотенска киселина (витамин Б5), која има клучна улога во создавањето на црвените крвни зрнца и половите хормони.
Јачменовата вода е познат народен лек за сите видови воспаленија. Таа може да се пие при воспаление на респираторниот, дигестивниот и уринарниот тракт, а воедно е позната и по ублажувањето мачнини и повраќање.

Една лажичка исчистен јачмен (без лушпа) ставете во еден литар ладна вода. Оставете да зоврие и оставете го на силен оган уште десет минути. Исцедете со газа и пијте го топло, двапати на ден. Јачменовата слуз што останува по готвењето е важна диетална храна, која помага при проблеми на варењето и стомачни болки. За да се ослободите од болки во грлото, на топлата јачменова вода може да ѝ додадете едно лажиче мед и сок од еден лимон.

Чај од ’рж

Чајот од ’рж кај нас се користел од многу одамна. За да ја намалат можноста од желудочни тегоби кога јаделе мрсна храна, по оброкот луѓето пиеле чај од ’рж.
Имено, зрното од ’рж е богато со јаглени хидрати, белковини, масти, калиум, фосфор, магнезиум, железо и витамин Б.

Чајот од ’рж, покрај тоа што се пие за подобрување на работата на дигестивниот систем, го зајакнува организмот, го решава проблемот со слабокрвност, а се препорачува и за сите што имаат проблем со дијабетес, бубрежни тешкотии и сл.

Од сите житни култури што се застапени кај нас, чајот од ’рж најмногу го регулира шеќерот во крвта. За да се подготви напиток од оваа житна култура, во 900 милилитри зовриена вода се додаваат 80 грама ’ржени зрна. Се остава да отстои околу 12 часа, а потоа се става на оган и се чека да зоврие. Добиената течност додека е сѐ уште врела се процедува и се пие во текот на еден ден.

За да ја зајакнете крвта, ставете 150 грама зрна од ’рж во ладна вода. Оставете да отстојат најмалку пет часа, а потоа убаво сварете ги. Кога зрната ќе омекнат, додајте им три филџани млеко и оставете ги да се варат додека не се згусне течноста. Кога ќе се свари, се додава ситно сечкано суво овошје, сливи, смокви, грозје, кајсии, по желба. Се јаде како замена на еден оброк подолго време.

Чај од ким

Кимот најчесто се користи за наросување на белите печива. Но, сварениот ким е и одличен напиток за новороденчињата бидејќи со него се намалуваат грчевите во стомакот, па затоа е задолжителен напиток за младите мајки, бидејќи со негово редовно пиење се подобрува лактацијата.

Имено, бебињата, малите деца, но и сите што имаат грчеви и подуеност во стомакот, за да си ги решат овие здравствени проблеми, барем еднаш во денот мора да се напијат чај подготвен од ким. Етеричното масло што го има секое зрно ким, ги поттикнува функциите на желудникот и на жолчката, делува смирувачки на цревата, ги ублажува грчевите и помага при исфрлањето на гасовите.

За да подготвите чај од ким, зрната потопете ги во врела вода. Почекајте околу 20 минути, а потоа испијте го чајот.

Кога станува збор за новороденчињата, ним чајот им се дава голтка по голтка во текот на целиот ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот