За неповлечени пари од кредити лани сме платиле провизии од 23 милиони евра
Утврдивме дека праксата за неефикасно управување со финансирањето на проектите преку заеми и грантови продолжува, пишува во Извештајот на Државниот завод за ревизија
Со августовскиот ребаланс на буџетот, расходите за субвенции и за трансфери се зголемиле дури за 38 проценти, додека капиталните расходи се намалиле за 27 проценти, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) чешлајќи го ланскиот основен буџет.
Препорачано
Ревизорите ја ставиле под лупа и динамиката на реализација на проектите, искористеност на кредитите и заемите, платени и создадени трошоци од страна на државните органи, институции, акционерски друштва и јавни претпријатија.
„Утврдивме дека праксата за неефикасно управување со финансирањето на проектите преку заеми и грантови продолжува.“, констатираат ревизорите во Извештајот.
Според Извештајот, од вкупно одобрени проекти во вредност од над 3,7 милијарди евра, само 37 проценти, или 1,4 милијарди евра се повлечени и искористени. Неповлечените средства изнесуваат речиси 2,4 милијарди евра, а трошоците за провизии за нив се речиси 23 милиони евра, што претставува помалку од 1% од нивната вредност.
„Најголем дел, односно 36% од износот на заемите и грантовите се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта-ЈПДП и Јавното претпријатие за железнички и сообраќајна инфраструктура – 2%, но со бавна динамика и реализација на проектите“, забележуваат ревизорите.
Тие потенцираат и дека лани кога се правел ребалансот, не е земена во предвид дадената препорака од Фискалниот совет да се прекине со праксата за пренамена на капиталните средства во тековни расходи доколку истите не се реализираат на предвиденото ниво.
Не се почитувале законските проценти за судска власт и рамномерен развој
Со Основниот буџет за 2024 година не се обезбедени законски предвидените средства за Судската власт, Јавното обвинителство и рамномерен регионален развој предвидени со Законот за судскиот буџет, Законот за јавното обвинителство и Законот за рамномерен регионален развој.
Со анализата за 2024 година ревизорите утврдиле дека: одобрениот буџет за Судска власт е намален за 42,6 милиони денари (околу 700.000 евра) иако со член 4 од Законот за судскиот буџет е уредено дека во случај на ребаланс на буџетот средствата наменети за финансирање на Судската власт не може да се намалуваат.
За реализација на потпрограмата за рамномерен регионален развој треба да се обезбеди најмалку 1% од БДП. Одобрените средства преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој изнесуваат само 0,08% од БДП, или 0,01% помалку во однос на 2023 година.
Секоја осма општина била блокирана сметка
Во однос на финансиска нестабилност на единиците на локална самоуправа, состојбата со задолженоста на општините покажува дека во декември 2024 година, од вкупно 81 општина, 10 општини се со блокирана сметка. Или, секоја осма општина лани била со блокирана сметка.
Вкупниот износ на доставени налози за извршување во Министерството за финансии изнесува 30 милиони евра, или 49 проценти од вкупно пријавените обврски на општините, од кои во 2024 година платени се обврски во износ од 37,4 милиони евра.
„До периодот на ревизијата не е прогласена финансиска нестабилност на ниту една општина“, велат ревизорите.
Основниот буџет првично бил планиран со помал износ од претходната година
Основен буџет на државата лани изнесувал 4,2 милијарди евра. Во основниот буџет влегуваат сите редовни приходи, односно даноци, акцизи, придонеси, а на расходната страна се трошоците за редовното функционирање на државните институции, вклучувајќи ги платите, социјалните надоместоци, здравството, образованието. Во овој буџет не влегуваат грантови, кредити за конкретни проекти, таканаречени самофинансирачки сметки, односно сопствени приходи на институции. Затоа, основниот буџет покажува колку и како реално државата може да ги финансира своите функции.
„Ревизорите утврдиле дека приходите и расходите на Основниот буџет за 2024 година се проектирани во износ од 260,1 милијарди денари и бележат намалување од 0,5 проценти во однос на 2023 година, но во однос на максималните износи на одобрени средства/расходи, истите се повисоки. Дополнително, со ребалансот на Буџетот од август и одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите од декември 2024 година, Основниот буџет за 2024 година изнесува 265,4 милијарди денари и во однос на 2023 година е зголемен за 1 процент“, пишува во Извештајот.
Ревизорите укажуваат на потребата од зајакнување на постапката за усогласување на предлозите на буџетските барања помеѓу Министерството за финансии и буџетските корисници.
ДЗР информира дека структурата на Буџетот за 2024 година упатува дека даночните приходи и во 2024 година имаат големо учество во структурата на приходите на основниот буџет, што укажува на подобрување на финансиската структура.
„Подобрувањето е резултат на ефикасната реализација на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинска Управа и континуираната тенденција на зголемување на реализацијата на приходите од ДДВ, данок на добивка, данок на личен доход и акциза“, велат ревизорите.


