Второ полувреме

Никола Наумовски / Фото: Слободен печат

Прославата по првото полувреме, како и поддршката на Арсовска од истакнати шовинисти, се показател дека таа не е ни за „Модерно Скопје“ ни за мултиетничко и единствено Скопје, какво што се гради во последниве четири години.

Заврши првото полувреме од локалните избори, а некои веќе почнаа да ја прославуваат победата на „независната“ кандидатка „За модерно Скопје“. И прославата беше ептен модерна. Едни „модернисти“ славеа со зурли и тапани пред барокната палата со велелепни лустери и пак го прогласија мултиетничко Скопје за „вмровски град“.

Други „модернисти“ почнаа да прават списоци за егзекуција, да испраќаат закани и пораки за линчување на неистомисленици. За само неколку денови Скопје почна да наликува на мрачниот град на конфликти од 2017 година кога по улиците се ширеше политички и етнички говор на омраза.

Но, фудбалските фанови знаат дека првото полувреме е само прво полувреме. Во второто полувреме сешто може да се случи. Одговорот на прашањето „Кој ќе победи во Скопје?“ може да го дознаеме само по последниот свиреж на судијата. Или, како што би кажеле англиските фанови, „it isn’t over until the fat lady sings“.

Многу добро го паметам финалето на Лигата на шампионите во 2005 година, кога на полувремето Милан (црвено-црните) водеше со 3:0 наспроти Ливерпул (црвените). „Миланезите“ почнаа предвреме еуфорично да слават, но на крај „црвените“ од Ливерпул го кренаа пехарот со френетичен аплауз на целата публика. Поуката е дека не се слави по првото полувреме ни кога е 3:0, а камоли кога резултатот е речиси изедначен. Но, она што го гледаме по првото полувреме од локалните избори во Скопје е дека симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да се однесуваат како „миланезите“ во 2005 година, иако до последниот свиреж на судијата има уште многу за играње.

Пак ги понижуваат и ги потценуваат албанските гласачи

Колку се битни немакедонските гласови во втор круг во битката за градоначалник за Скопје, битка која се смета како финале на секои локални избори? Многу. Креирањето на националистичките политики од страна на ВМРО-ДПМНЕ и потценувањето на немакедонските гласови е главна причина што тие не можат да создадат парламентарно мнозинство веќе со години. Потценувањето на тие гласови може да биде причина за промена на резултатот во второто полувреме од битката за градоначалник на Скопје.

Ќе дадам неколку примери зошто „модернистите“ би можеле да бидат изненадени во Скопје во второто полувреме.

Како прво, еден познат новинар, пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ повторно почна да сее поделби и омраза во Скопје, криминализирајќи цели општини во градот како „нарко-дилери“ (жителите на Сарај, Чаир и Шуто Оризари), затоа што таму Шилегов остварил голема предност. Ќе биде интересно да се види дали навредените граѓани од Сарај, Чаир и од Шуто Оризари, кои гласаа за Арсовска во првиот круг, повторно ќе гласаат за неа или, пак, предноста на Шилегов во овие општини ќе биде уште поголема. Дали означувањето на гласачите од Чаир, Сарај и од Шуто Оризари како криминални гласачи ќе покрене револт кај граѓаните на овие општини и ќе резултира со губење голем дел од тие над девет и пол илјади гласови што г-ѓа Арсовска ги доби во првиот круг?

Според тоа што успеавме да го видиме, за жал, во првиот круг речиси и да немаше понуда кон гласачите од овие општини. Сè што видовме досега во насока на привлекување на тие гласачи од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, беа само слики со прошетки низ Чаршија и Чаир и средби со граѓани во населбите низ Чаир, а во Сарај ниту тоа. Од друга страна, во програмата од актуелниот градоначалник имаме конкретни ветувања како за проширување на улицата Цветан Димов, паркингот над Бит-пазар, нов план за јавни паркинзи низ Чаир, нова библиотека во Чаир, културен центар во Шуто Оризари, целосна реконструкција на спортскиот центар во Сарај, кружен тек кај мостот Сарај, клучката кај Момин Поток итн.

Фотографирање со антиалбански активисти

Како второ, Арсовска пред некој ден гордо се фотографираше со претседателот на патриотскиот институт Александар Пандов, многу добро познат по своите антиалбански ставови кај албанската популација во Македонија. Објавувањето на такви слики кај кандидатката која претендира да ги добие албанските гласови во вториот круг ми наликува како предвременото славење на навивачите на Милан на полувремето на финалето во 2005 година. Дали појавувањето на Пандов на фотографиите на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги мотивира илјадниците албански гласачи кои го дадоа гласот за неа во првиот круг, да ја гласаат повторно? Лично, се сомневам.

Третиот пример е појавувањето на Данела Арсовска со Ленин Јовановски, кој стана познат во јавноста по своите заеднички фотографии со Путин. Моторџијата Ленин Јовановски (како и „коњаникот“ Пандов) беа едни од најверните поддржувачи на антиалбанското движење „За заедничка Македонија“, кое во 2017 скандираше антиалбански слогани „За чиста Македонија“ и сееше параноја против „Тиранската платформа“.

Додека во Скопје во 2017 година се одржуваа антиалбански протести во кои симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ пееја песни против Албанците и се скандираше „чиста Македонија“, моторџиите на Ленин ги поддржуваа, а Александар Пандов за ТВ Нова изјави дека не постоеле Албанци што ѝ посакувале добро на Македонија. Пандов беше исмеан во прилогот „Неделна саботажа“, каде што неговата антиалбанска изјава беше пуштена заедно со голови на фудбалските репрезентативци на Македонија – Шаќири, Ибраими и Барди.

Интересно ќе биде да се види дали албанските гласачи кои гласаа „За модерно Скопје“, пак ќе гласаат откако видоа дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ слави со истакнати антиалбански активисти блиски на ВМРО-ДПМНЕ.

Паднаа маските и за електричните автобуси

Згора на тоа, откако Данела Арсовска се појави заедно со моторџијата Ленин, наместо да одговори колку чини 18-метарскиот електричен автобус на нејзините плакати, и колку ќе чини набавката на 250 такви еко-автобуси, таа престана да зборува за набавка на електрични автобуси. Наместо за бесплатен превоз со 250 електрични автобуси, таа почна да зборува за купување 150 автобуси на ЦНГ (како МАН-овите што ги набави Шилегов) и за постепено прилагодување 100 автобуси на „алтернативен енергенс“.

Како да се објасни тоа што кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, која се рекламираше со електрични автобуси, сега воопшто не ветува купување  електрични автобуси, туку почна и да се вози во автобуси од брендот МАН, какви што набави Шилегов?

Дури и машински инженери од ЈСП со 40 години стаж почнаа да ѝ објаснуваат на Арсовска дека електричните автобуси чинат 500.000 евра и повеќе (а тие на ЦНГ – околу 300.000 евра). За набавка на толку автобуси со нова автобаза и опрема, со стотици нови механичари, инженери и возачи, еден експерт од ЈСП јасно ѝ укажа на Арсовска дека „ЕДНА МИЛИЈАРДА не нè крпи, дури и од Тајван да е“.

Накусо, маските почнаа да паѓаат и за 250 електрични автобуси лековерно ветувани како „милијардата на Циле“. Прославата по првото полувреме, како и поддршката на Арсовска од истакнати шовинисти, се показател дека таа не е ни за „Модерно Скопје“, ни за мултиетничко и единствено Скопје, какво што се гради последниве четири години. По нејзините лековерни ветувања за купување 250 електрични автобуси, кои не издржаа во второто полувреме, секако дека е можен пресврт во резултатот. Зашто, натпреварот се игра до последната минута, до последниот свиреж на судијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот