Врвните истражувања во Германија ќе бидат претставени на патувачка изложба

Изложбата ќе биде отворена на 3 април во КИЦ-Скопје

Гете-институтот во Скопје ќе претстави патувачка изложба за врвните истражувања во Германија, која обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и ВИ (Вештачка интелигенција). Станува збор за интерактивна изложба за млади, која Гете-институт во соработка со друштвото „Макс Планк“ ја прикажува ширум светот.

Изложбата „Вселена. Човек. Интелигенција.“ со соодветна станица за секоја од наведените теми на посетителите им овозможува на забавен начин и со интерактивни елементи да дознаат повеќе за компјутерското преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферската обвивка, инсталации со кои може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и сл.

Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им се покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура. Изложбата поттикнува љубопитност за истражување на различни полиња и стимулира размислување за научни и општествени теми.

Изложбата ќе биде отворена на 3 април, во 10 часот претпладне, во Културно-информативниот центар (КИЦ) и ќе трае до 28 април, а влезот ќе биде бесплатен.

Гете-институт е културна институција на Сојузна Република Германија која својата дејност ја извршува низ целиот свет. Институтот го афирмира учењето на германскиот јазик во странство и негува меѓународна културна соработка.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот