ВРАБОТЕНА ВО МВР ПРИЗНА: Началничката ни велеше “Ќе не утепаат од горе”

Фото: МИА

Неколку месеци пред локалните избори во 2013 година почнавме да го прекршуваме Законот за престојувалиште и Законот за лични карти. Во октомври 2012 година во станицата во Ресен доаѓаа големи групи на луѓе од Мала Преспа, Албанија. Имаше телефонски повик од началничката во МВР Надица Велевска која се јави и кажа дека за сите тие барања од групата да бидат примени и да бидат сликани за лични карти. Јас на ова барање веднаш реагирав и тврдев дека тоа не е во ред, меѓутоа началничката Велевска наредуваше дека оваа работа мора да се заврши и велеше дека “ќе не утепаат од горе”, изјави Лилјана Потиќ, порано вработена во почицијата во Ресен, во Одделот за лични документи, која е сведок на ОЈО во процесот “Титаник”.

– Од 8 до 24 октомври 2012 година бев на одмор. Иако бев на одмор постојано ми се јавуваше началничката Надица Велевска и бараше без проверка да се издадат лични карти. Морав оваа наредба да ја пренесам на колешката која ги имаше истите овластувања како и јас – рече Потиќ.

Таа рече дека два пати и се јавил и обвинетиот Едмонд Темелко да праша до каде е постапката за издавање на лични карти.

– До март 2013 примивме околу 360 барања за лични карти, а околу 50 беа пристигнати и изготвени во нашето Одделение. Во јуни таа година јас заминав во пензија и не знам што се случи со овие барања – истакна сведокот.

Сведокот Милорад Ѓорѓиевски сега вработен во пограничната полиција изјави дека во 2012 и 2013 година бил командир на полициската станица во Ресен. Нагласи дека токму во тој период имале зголем обем на работа посебно за теренска проверка на живеалиште за апликантите за лична карта.

– Поголем број од проверките беа негативни. Во октомври 2012 година ми се јави Митко Чавков, тогаш началник на Централните полициски сили и ме праша дали ние како полициска станица имаме проблеми со лицата кој поднесуваа барање за лични карти и ме праша за теренските проверки дали се позитивни или негативни. Кога му кажав дека малку сме спори со проверките поради мал број полицајци и дека повеќето се негативни тој ми рече “Видете надминете ја таа ситуација”. Кога побарав писмен допис ми рече да побарам контакт со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ. Следниот ден дојде началник од Битола и ме праша каков проблем сум имал. Откако му објаснив, уследи телефонски контакт, а потоа и се сретнавме со координаторот на партијата од Ресен. Тој кратко рече дека ништо не знае за проблемот и не знае како да ни помогне – рече сведокот Ѓорѓиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот