Мартин Богатиноски

Возач на возач му е волк

Замислете го тоа: апликација од МВР, влегуваш, отвораш камера и снимаш. Почнуваш да ловиш некој што претекнува на полна линија или не застанува на пешачки премин. И после, со чувство на професионална гордост, го прикачуваш видеото. Државата проверува дали снимката е веродостојна, а ти, цивилен херој на денот, добиваш процент од казната.

Човек гледа како државата со години се обидува да ни всади ред и мир, па некако му доаѓа да ѝ каже: „Сестро, остави. Не мачи се. Ние самите ќе си ги средиме нештата“.

Само треба да ни дадат алатка да се казнуваме меѓусебно. На крајот на краиштата, кој подобро го познава македонскиот возач од друг македонски возач? Ниту камерата на бандера, ниту германскиот радар, ниту некоја паметна технологија што ја гледаме на Јутјуб со отворена уста. Само ние. Ние што знаеме дека секоја улица е должина на нечија кавга и ширина на нечија тага.

Ама државата, во својата вечна немоќ да нѐ фати во моментот кога го кршиме правилото, ни нуди „Безбеден град“. Камери. Надзор. Голем брат. Е, па, не треба тоа. Ние сме си доволно „големи браќа“ едни на други. И доволно ситни душички за да функционира еден многу поефикасен систем – системот на самодетектирање и самоказнување. Софтвер. Апликација. Платформа. Природно продолжение на она што секој ден го правиме на Фејсбук: снимаме, фотографираме и се пријавуваме еден со друг, само што ова ќе биде легално и платено.

Замислете го тоа: апликација од МВР, влегуваш, отвораш камера – и снимаш. Почнуваш да ловиш некој што претекнува на полна линија или не застанува на пешачки премин. И после, со чувство на професионална гордост, го прикачуваш видеото. Државата проверува дали снимката е веродостојна, а ти, цивилен херој на денот, добиваш процент од казната што ќе ја плати снимениот.

Процент, бе. Награда. Плати ги граѓаните да си бидат волци едни на други, и гледај како сообраќајниот морал ќе скокне од подрум до таван. Македонија нема да стане Швајцарија, ама ќе стане нешто поопасно: земја каде што сите се пазат од сите. Како каубојски град без револвери, туку со смартфони.

И плус, да не се лажеме – народов е „клет“, како што си велиме ние за себе со најголема љубов. Не клет во смисла злобен, туку клет во смисла – префриган.

Во оваа наша македонска реалност, најдобриот сообраќаен инспектор е соседот. Најдобриот полицаец е старата баба отспротива што не спие по полноќ и го слуша твоето палење на колата. Наместо да го губиме тој природен талент, зошто да не го искористиме?!

Нема повеќе празни сеири. Сега сеирот ќе биде професија. Со тарифник.

Оти, ова е земја каде што човек ќе си ја извади душата само за да не плати казна за сообраќаен прекршок, ама ако постои апликација што му дава шанса и тој да наплати, одеднаш станува љубител на редот, правдата и сите можни кодекси.

Секако, ќе има и лоши страни. Ќе има тетки што по цел ден ќе шетаат со телефонот в рака. Ќе има татковци што ќе им кажуваат на децата: „Сине, ако видиш некој без ремен, сликај го! Тие пари се за твојата школска екскурзија!“.

Ќе има и луѓе што ќе станат опасно добри во изигрување морална полиција. Но, така е тоа кога државата со илјадници вработени полицајци не успева да го воведе редот на улиците. Мора да најдеш баланс меѓу хаос и дисциплина.

Некој ќе рече: „Ова ќе ја претвори Македонија во држава на доушници“. Можеби. Ама барем ќе бидеме доушници со причина. Доушници со процент. Досега милион работи сме ги правеле за џабе. Можеби конечно е време да се плаќа грдата човечка природа, кога веќе не може да се искорени.

Да, звучи цинично и мизантропски. Звучи како да ја ставаме нашата најлоша човечка особина во функција на општото добро. Но, можеби токму тоа е единствениот начин. Ако цивилизираноста кај нас оди бавно, тогаш нека оди барем во насока на тоа што го знаеме најдобро – да се казнуваме меѓусебно.

Нас ќе нѐ спаси тоа што секој од нас знае дека другиот е подготвен да го сними. И да го продаде за 30 сребреници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот