Во Скопје се планира според стариот ГУП, за новиот уште ќе се почека

За потребите на новиот ГУП изработени се 20 студии, а се чекаат уште сообраќајна студија, хидролошка студија и елаборат за заштитно – конзерваторски основи, коишто се во фаза на изработка од надлежните институции и правни лица по барање и надлежност на Град Скопје, по што ќе продолжи изработката на планската документација.

Во Скопје сѐ уште се планира во согласност со Генералниот урбанистички план за периодот од 2012 до 2022 година. Планот за наредните десет години, поточно од 2022 до 2032 година е во фаза на подготовка, но сѐ уште никој не може да прецизира кога ќе стапи на сила. Дотогаш планирањето на градот се базира на стариот ГУП, кој важи до донесувањето на новиот.

ГУП-от е од огромно значење за десетгодишниот просторен развој на Скопје, тој е еден вид Устав за урбанистичкото планирање на градот, кој на терен се спроведува преку детални урбанистички планови, што значи дека сите донесени ДУП-ови мора да бидат усогласени со Генералниот план. Во него се прикажани границата на градот, намената, просторната организација и дистрибуција, начинот на употреба на просторот, земјиштето и градбите од градско значење во рамките на планскиот опфат на планот, генералната регулација со која се одредуваат границите на земјиштето за општа употреба кое служи за примарната улична и сообраќајна мрежа, сите примарни инфраструктурни мрежи, како и сите јавни простори од градско значење, општите правила за градење и слично.

Тоа укажува на фактот дека донесувањето на Генералниот урбанистички план на Скопје е сложен процес чија постапка за донесување и спроведување ја води Град Скопје, а го изработува Агенцијата за планирање на просторот.

Од Агенцијата за планирање на просторот посочуваат дека во подготвителната фаза за изработка на Документационата основа, Агенцијата, покрај сите потребни податоци и информации од надлежни институции, изработила и стручни секторски студии од областите кои ги покрива генералното урбанистичко планирање. Во изработката на студиите, покрај експертите од Агенцијата биле вклучени и експерти од образовни и стручни установи и правни субјекти за секоја експертска област одделно.

Изработените секторски студии се неопходни за темелно согледување на постојната состојба во градскиот простор и истите даваат насоки, препораки, мерки и активности кои треба да бидат опфатени при изработка на планското решение во овој урбанистички план. Резултатите од индикаторите во овие студии се вградени и составен дел на изработената документациона основа на ГУП на град Скопје од страна на Агенцијата, а доставена до градските служби на 19.12.2022 година – објаснуваат оттаму.

За потребите на новиот ГУП изработени се 20 студии меѓу кои Студија за проблемите за спроведување и следење на реализацијата на ГУП на град Скопје 2012-2022 и за потребните податоци за изработување на ГУП на град Скопје 2022-2032, Студија за можностите, потребите и идниот развој на градот Скопје, Секторска студија за демографски развој, како и секторски студии во кои се прикажани сите потребни податоци за домувањето, економските перспективи, електро-енергетската и електронско комуникациска инфраструктура, гасоводна и топловодна инфраструктура, комунална инфраструктура, за контакна зона на град Скопје, за природните карактеристики на градскиот простор и друго.

Од Агенцијата велат дека сите овие секторски студии  се завршени и применети при изработката на документационата основа.

За да се обезбеди сеопфатност на сите области оваа листа на секторски студии треба да биде дополнета со Сообраќајна студија, Хидролошка студија и Елаборат за заштитно конзерваторски основи, коишто се во фаза на изработка од надлежните институции и правни лица по барање и надлежност на Град Скопје. Агенцијата очекува во секој момент истите да бидат доставени од страна на нарачателот – Град Скопје и да продолжи со изработка на Планската документација – посочуваат од Агенцијата и додаваат дека од нивна страна максимално се почитуваат роковите кои се дадени согласно договорот.

Во Законот за урбанистичко планирање, во член 26 е објаснета постапката за донесување ГУП, па граѓаните и сами можат да проценат дека реално новиот ГУП нема да биде донесен наскоро, со оглед на фактот дека во тек е изработката на планската документација.

Како што се наведува во Законот врз основа на планската програма и документационата основа се изработува работната верзија на генералниот урбанистички план, а потоа нацрт на ГУП, кој по претходно добиено стручно мислење од комисијата за урбанизам, градоначалникот на град Скопје го предлага за утврдување на Советот. По утврдување на нацртот, градоначалникот треба да организира стручна расправа што има за цел да ја консултира стручната јавност и јавна презентација со јавна расправа која го обезбедува увидот на широката јавност во предлогот на урбанистичкиот план. По вградувањето на забелешките од стручната јавност, генералниот урбанистички план се доставува до надлежното министертво. По добиената согласност, предлог ГУП се става на гласање на Советот. Планот се смета за донесен доколку за него гласале повеќе од половина од вкупниот број членови на Советот на Град Скопје.

Граѓаните ги трпат последиците на урбанистичките планови – можат ли да влијаат врз нивното донесување?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот