Граѓаните ги трпат последиците на урбанистичките планови – можат ли да влијаат врз нивното донесување?

Скопје/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Деталните планови ги уредуваат правата на градење на поединечните сопственици и корисници на земјиштето и затоа во нив се отворени сите канали за инклузивност, партиципативност и јавност, но во постапката за донесување ГУП, граѓаните не можат директно да влијаат затоа што станува збор за високостручен и исклучително сложен процес.

Планираната изградба во Влае, на просторот кај поранешните фабрики „Треска“ и „Алумина“, во Лисиче, кај „Холидеј ин“, на Водно и на многу други локации низ Скопје, во изминативе години ги кренаа граѓаните и граѓанските организации на нозе. Борејќи се против бетонизација на населбите во кои живеат, барајќи хумани и нормални услови за секојдневно функционирање, тие се принудени многу повнимателно да ги гледаат и да ги анализираат деталните урбанистички планови. Дали во нив се вцртани нови згради, некој кат повеќе за индивидуалните домови, дали улица поминува низ нивниот двор, има ли доволно зеленило, струење на воздух, сонце, соодветна инфраструктура, кој го нарачал планот, се прават ли некакви отстапки во него и како да се спречи одреден ДУП да биде донесен во форма што ќе го наруши ритамот на животот во населбата – сето тоа се проблеми со кои граѓаните се соочуваат пред да се донесе некој ДУП.

Но, дали и како јавноста, односно граѓаните можат да влијаат врз донесувањето на детален урбанистички план, затоа што токму тие се оние што ќе се соочат со последиците од урбанистичкото планирање во секојдневниот живот ?

Ова прашање прецизно го уредува Законот за урбанистичко планирање.

По утврдувањето на нацртот на детален урбанистички план, градоначалникот на општината организира јавна анкета од членот 50 од овој закон, која трае најмалку 30 дена, а за плански опфати со поголем број жители и корисници на просторот, погуста и посложена структура, густо изградени и сложени централно-градски подрачја, историски градски јадра, споменички целини и други делови од градови што се од посебно значење, јавната анкета може да трае и до 90 дена. Со јавната анкета се спроведува и јавна презентација што се одржува најмалку еднаш во текот на траењето на јавната анкета – се прецизира во член 27, став 5 во Законот донесен во 2020 година.

За спроведената јавна презентација и јавна анкета стручна комисија изработува извештај во рок од пет до најмногу 60 дена, со образложение за прифатените и неприфатените забелешки од граѓаните и правните лица. Комисијата е должна во рок од 15 дена пред да се достави предлог планот за согласност, да го извести секој учесник во јавната анкета за содржината на извештајот, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Доколку Комисијата оцени дека предлогот на планот поради прифатените забелешки претрпел значајни промени, планот повторно оди на увид на јавноста, односно на јавна презентација и јавна анкета што трае најмалку десет работни дена.

ДУП за Лисиче

 

Грчев: Во ДУП се отворени сите канали на инклузивност, партиципативност и јавност

Архитектот Мирослав Грчев објаснува дека деталните планови ги уредуваат правата на градење на поединечните сопственици и корисници на земјиштето и затоа, како што вели, во ДУП се отворени сите канали за инклузивност, партиципативност на ниво на планска програма, работна верзија на план, нацрт-план и потоа тие одат на јавна анкета.

 На јавна анкета поединечни сопственици, корисници, граѓани, даваат непосредни забелешки. За секого има анкетни ливчиња и во тие анкетни ливчиња граѓаните го истакнуваат својот правен интерес што мора да биде испочитуван. На пример, некој таму живее, но му ставаат зграда и го засенуваат, значи со тој план директно му се згазнува на правниот интерес и има законско право да влијае врз тоа. Органот нема обврска да го послуша, бидејќи поголемиот дел забелешки на тие анкетни ливчиња не се оправдани, што значи дека граѓаните не го разбрале планот или желбите им се надвор од законски дозволените рамки. Мал процент се оправдани и тие треба да се препознаат и вградат – вели Грчев.

Тој објаснува дека граѓаните влијаат на плановите и преку своите претставници во советите.

Кај нас е заборавено дека тие советници не се партиски војници туку се претставници на народот. Врската меѓу граѓаните и нивните претставници е заслабена до невидени размери, а таа е суштинска затоа што во Уставот, а и во сите демократии тоа е вградено како основно начело. Урбанизмот е просторен поредок што важи за цели населени места, не е тоа работа само за мене и соседот, тоа се решава со поединечни процеси, а ова се правила на играта. И сега за тие правила на игра, за урбанизмот, граѓаните решаваат преку своите претставници во советите на единиците за локална самоуправа – додава Грчев.

Фото: Борба за Влае

Стефановска: При донесување ДУП, моќта е во градоначалниците, а не во граѓаните

Во последните две години граѓаните организирани во иницијативата „Борба за Влае“ жестоко се залагаат да добијат план што нема да го наруши спокојството на нивната населба, но го креваат гласот и против сите неправилности во плановите што се на јавна анкета и за други простори во Скопје. Нивното искуство за влијанието на граѓаните врз донесувањето на ДУП, говори дека иако тоа е законски утврдено, во практика тешко се постигнува резултат.

Јована Стефановска од „Борба за Влае“ посочува повеќе пречки со кои граѓаните се соочуваат при спроведување на јавна анкета и јавна презентација. Најпрво, според неа, не е доволно транспарентен начинот на кој граѓаните се информираат за јавната анкета, затоа што никој секојдневно не ја проверува огласната страна на општината.

Кога ги објавуваат синтезните планови, тие се сосема нејасни за граѓаните, а бидејќи им се нејасни потоа не знаат како да ги пополнат анкетните листови. Практика е јавната презентација да се спроведе во тек на јавна анкета. Според мене, прво треба да има јавна презентација на која на граѓаните ќе им се објасни планот, но не стручно, затоа што сите граѓани не се архитекти и урбанисти, туку поопшто и разбирливо, а дури потоа да се спроведе јавна анкета – вели Стефановска.

Следен проблем, според неа, е што секогаш се определуваат законски минималниот број денови за траење јавна анкета, но проблем е и тоа каде се поднесуваат анкетните листови. Кога тоа се случува во просториите на Општина Карпош, којашто работи од 7.30 до 15.30 часот, многумина не можат да дојдат затоа што се на работа.

И кога финално ќе одговорат од Секторот за урбанизам на поднесените анкетни листови, тие имаат право да напишат ова се прифаќа, ова не, нивно право е дали ќе ви образложат или не и вие понатаму како граѓанин немате повеќе каде да се жалите. Бидејќи советниците треба да го гласаат ДУП, тие се последната барикада, па го правиме единственото што ни останува, на сите по имејл им ги праќаме анализите, нашите забелешки, ги информираме каде е проблемот со овој ДУП, им доставуваме аргументи зошто не треба да го гласаат и докрај не знаеме кој како ќе гласа на Советот – објаснува Стефановска.

Таа смета дека при донесување на ДУП, моќта е во градоначалниците, која ја злоупотребуваат, а дека советниците се изложени на притисоци и затоа треба да им се овозможи да гласаат тајно, но и на граѓаните законски да им се даде поголема моќ.

Фото: Општина Кисела Вода

 

Во анкета учествуваат жителите од планскиот опфат, а може да учествува широката јавност

За тоа какво е влијанието на граѓаните во донесувањето на деталните урбанистички планови од Општина Центар објаснуваат дека тие се вклучени во процесот на изработка на ДУП сѐ до моментот на изготвување на Извештајот од јавната презентација и јавната анкета.

Доколку граѓаните поднесат барање за ДУП за кој сѐ уште не е отпочната постапка за изработка, добиваат известување дека нивното барање ќе биде разгледувано и по него ќе се одлучи во согласност со законската регулатива во следната постапката за изработка и донесување на ДУП во чијшто опфат ќе влезе предметната катастарска парцела, и следствено барањето при отпочнување на постапката се доставува до планерската куќа. Доколку граѓаните достават барање откако ќе отпочне изработката на деталниот урбанистички план, добиваат известување дека во тек е изработка на деталниот урбанистички план и дека сите заинтересирани правни и физички лица од просторот опфатен со планот можат да достават свои забелешки во рамките на јавна презентација и јавна анкета – велат од Општината.

И иако во соопштенијата за организирање јавна анкета, општините секогаш наведуваат дека анкетни листови можат да поднесуваат само граѓаните и правните лица од просторот опфатен со планот, во член 50 од Законот за урбанистичко планирање стои поинаку.

 Учесници на јавна презентација и јавна анкета се заинтересирани правни и физички лица од подрачјето опфатено со планот, подрачјата соседни на планскиот опфат, широката јавност, претставници на стручната јавност, претставници на органите на државната управа, претставници на единиците на локалната самоуправа, стручни лица од невладините организации и други стручни лица од областа што е релевантна за планирањето и за конкретниот плански опфат.

Деталните урбанистички планови и нивната содржина се многу битни за тоа што и како ќе се гради, а дозволите за градба се издаваат токму врз основа на важечките ДУП-ови.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првите девет месеци од годинава во скопските општини се издадени вкупно 372 одобренија за градење, најголемиот дел за згради, но и за индивидуални домови и за реконструкција. Од нив дури 99 се во Општина Карпош, додека Општина Ѓорче Петров од јануари до крајот на септември не издала ниту едно одобрение за градење.

Илустрација: Слободен печат- Елисавета Бејкова
Илустрација: Слободен печат – Елисавета Бејкова

Граѓаните не можат директно да влијаат врз подготовка на ГУП

Во тек е постапка за донесување на новиот Генерален урбанистички план за Скопје за периодот од 2022 до 2032 година, но до каде е тој процес, нема речиси никакви информации од Град Скопје.

ГУП-от е од огромно значење за десетгодишниот просторен развој на градот, тој е еден вид устав за урбанистичкото планирање на градот, кој на терен се спроведува преку детални урбанистички планови, што значи дека сите донесени ДУП-ови мора да бидат усогласени со Генералниот план. Во него се прикажани границата на градот, намената, просторната организација и дистрибуција, начинот на употреба на просторот, земјиштето и градбите од градско значење во рамките на планскиот опфат на планот, генералната регулација со која се одредуваат границите на земјиштето за општа употреба кое служи за примарната улична и сообраќајна мрежа, сите примарни инфраструктурни мрежи, како и сите јавни простори од градско значење, општите правила за градење и слично.

Можат ли граѓаните да влијаат и да учествуваат во процесот на изработка на планот? Професорот Грчев вели дека на ГУП не може да се влијае директно затоа што станува збор за високостручен и исклучително сложен процес, во кој учествуваат стручни екипи од 30-40 струки кои прават студии, елаборати, фактографски, демографски, економски проекции и итн.

Генералниот план се прави во синтеза цело време на ниво на стручни консултации, односно на ниво на стручни расправи. Постои во процесот на донесување на ГУП отвореност затоа што неговата програма се изложува на Партиципативното тело, каде што граѓаните и невладините организации можат да влијаат, во смисла да се запознаат со планот. Меѓутоа не можат да партиципираат директно затоа што нивото на сложеност и стручност е далеку поголемо отколку што е тоа воопшто достижно. Големите студии, сложени, дали просторен план, дали ГУП или план за енергетска мрежа, големите системски, инжинерски, не се прашање на демократија. Демократијата се гледа во тоа што во процесот на неговото донесување на неколку места тој се отвора, кога е планската програма тој се отвора, станува достапен на јавноста, потоа во работната верзија тој повторно станува достапен на Партиципативното тело и во нацрт-планот станува достапен на јавноста и на претставниците на граѓаните во Советот на општината – објаснува Грчев.

Тој додава дека директно учество во подготовка на ГУП, не познава ниедна земја на светот, затоа што тоа огромно количество информации од различни струки не се разбирливи не само за обичниот човек, туку и стручњаците имаат проблем.

Генерален урбанистички план/ Фото: Град Скопје

Во Град Скопје и покрај неколкуте конкурси, не е формирано Партиципативно тело

Партиципативното тело, кое го споменува Грчев, според Законот за урбанистичко планирање е тело што го формираат општините и Градот Скопје за обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање. Тоа се состои од членови на комисијата за урбанизам на општината или на Град Скопје, од стручни лица од правното лице што го изработува планот, како и од претставници на урбани заедници, невладини организации, здруженија на граѓани, но и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање.

Ова тело ги претставува различните интереси во локалната заедница и ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување плански решенија и во постапката за изработување и донесување на плановите ги разгледува планските програми и планските решенија на урбанистичките планови во нивната работна верзија.

Во Град Скопје, иако ГУП е во подготовка, сѐ уште не е формирано Партиципативно тело. Градоначалничката Данела Арсовска пред извесно време вината за тоа ја префрли на Советот и на Комисијата за верификација, кои треба да го потврдат формирањето на ова тело.

Според претседателката на Комисијата за верификација, Марија Андоновска советничка од ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата пред неколку месеци дознала дека Арсовска четири пати распишувала конкурс за формирање Партиципативно тело без да ја информира Комисијата која е надлежна да го распише конкурсот и дека самата потоа ги поништувала тие конкурси.

Од службите ми се јавија како претседател на Комисијата за верификација да ми кажат дека треба да го поништам четвртиот оглас за кој јас не ни знам дека е распишан. Па потоа баравме низа одговори, ја свикавме Комисијата неколкупати и неколкупати правиме дописки и преписки со Правниот сектор и со градоначалничката за да ни кажат како сето тоа го извеле претходно без да нè информираат, како ги распишувале конкурсите и сами ги затворале и да најдат правен начин како ќе го затворат ова што го почнале за да можеме ние да почнеме легитимна постапка за избор на Партиципативно тело – тврди Андоновска.

Ваквото тело веќе е формирано речиси во сите скопски општини. Во Општина Центар тоа брои пет члена, истакнати експерти во своите области и граѓански активисти.

 До моментов, Партиципативното тело има разгледувано само предлог плански програми,  бидејќи отпочнатите детални урбанистички планови сѐ уште не стигнале до фаза на урбанистичко планско решение. На предлог планските програми, секој од членовите на Партиципативното тело има можност да даде свои предлози и забелешки, кои стануваат составен дел на Записници кои се составен дел од постапката – информираат во Општината.

Партиципативното тело во Општина Бутел има девет члена, од кои пет од Комисијата за урбанизам и четворица надворешни членови што се пријавиле на јавен повик.

Партиципативното тело се состанува и ги разгледува предлог планските програми и предлог деталните урбанистички планови (во зависност од динамиката на работа), за што изготвува записник. Записникот е дел од документацијата при водење на постапката за донесување урбанистички планови – објаснуваат од Бутел.

Најголема застапеност граѓаните имаат во Партиципативното тело на Општина Кисела Вода, каде што од 24 члена, дури 17 се граѓани, претставници на урбаните заедници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот