Во Романија и во Бугарија ковид-19 коси по 30 пати повеќе животи отколку во Португалија

Фото: EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Во Романија и во Бугарија, двете најсиромашни членки на Европската Унија и со најниска стапка на имунизирано население, пандемијата на ковид-19 во изминатата недела коси десетици пати повеќе животи отколку во западните европски земји, во кои стапката на вакцинирање е двојно, па и тројно повисока.

Слабиот одѕив на повиците за вакцинирање се толкува како последица на големата недоверба на граѓаните во властите.

– Секој ден во Романија како да исчезнува по едно село. Што ќе биде за една недела или за еден месец? Поголемо село? Или град? Каде ќе запреме? – изјави за Асошиетед прес пред неколку денови Каталин Кирстоју, шеф на универзитетската болница во Букурешт, во која мртовечницата е преполна со тела на луѓе што ја загубиле битката со ковид-19. Тој вели дека „системот се приближува до точка на распаѓање, поради една единствена причина: отпорот на граѓаните да разберат дека треба да се вакцинираат“.

И Бугарија во изминатата недела помина низ период со рекорден број жртви на ковид-19. Седумдневниот просек достигна 22,8 починати лица на 1 милион жители, во споредба со европскиот просек од 3,1 починати лица на 1 милион. Во Романија ситуацијата е уште пострашна. Пред една недела смртноста достигна 23 починати на 1 милион жители, а потоа благо се намали на 21. Тоа е 30 пати поголема смртност во споредба со Португалија, Франција или со Шпанија.

И Романија и Бугарија имаат доволно дози, но не можат да ги искористат. Во Романија со две дози се вакцинирани само 34,5 отсто од жителите, а во Бугарија едвај 23 отсто. Таквите резултати го спуштаат просекот во Европската Унија на 65,2 отсто. Франција, Италија, Белгија, Данска, Финска и Ирска имаат по барем 70 отсто ревакцинирани жители, а Шпанија, Португалија и Малта ја надминаа границата од 80 отсто.

Низа истражувања укажуваат дека големиот отпор за вакцинирање во Романија и во Бугарија е последица на сплет од фактори, од кои најважните се слабата доверба во владите и во нивните кампањи, ниското ниво на здравствено образование, како и сиромаштијата.

Ситуацијата ја влошува и политичката неизвесност во двете земји. Владата на Романија падна во октомври, а Бугарите утре по третпат во текот на оваа година ќе се обидат да изберат стабилна влада.

Граѓаните масовно ги отфрлаат официјалните државни кампањи за вакцинирање. Многумина се решаваат на алтернативни превентивни мерки, па дури и помош од свештени лица. Во Романија е отворена кривична постапка против православен свештеник поради ширење дезинформации за ковид-19, а сенаторката Дијана Шошоака упорно ја нарекува пандемијата „најголемата лага на векот“.

Романските власти завчера ги заострија превентивните мерки за да го надминат новиот бран од пандемијата. Воведен е полициски час од 22 часот до утрото, а сертификатите за вакцинирање сега се задолжителни за посета на трговски центри, кина и фискултурни сали.

Властите во Бугарија попусто се обидуваат да поттикнат помасовна вакцинација. Иван Поромански, директор на софиската болница „Пирогов“, изјави за локална телевизија дека не биле вакцинирани 90 отсто од пациентите од ковид-19 на одделенијата за интензивна нега.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот