Во Прилеп лаборантите не губат надеж иако 56 отсто од брзите тестови досега се позитивни

epa08826987 Cypriot medical personnel performs a SARS-CoV-2 Rapid Antigen Test just after collecting a swab in Nicosia, Cyprus, 18 November 2020. A special drive started for random COVID-19 testing throughout the island in an effort to curb a spike in coronavirus cases. EPA-EFE/KATIA CHRISTODOULOU

При нагло зголемен број на новозаразени, за два дена 140-ина и со преку 70 хоспитализирани во прилепската болница, ковид-пунктот и лабараторијата при прилепскиот Здравствен дом каде се бесплатните брзи тестови, имаат полни раце работа. Тимот од 12 лаборанти, од кои по еден лабараториски аналитичар и хемичар секојдневно се со ковид-пациентите, но и со нивните стравови и психози.

Афродита Танеска, лабараториски аналитичар при лабараторијата на Здравствениот дом во Прилеп вели дека имаат доволно брзи тестови, но поразува фактот што 56 отсто од нив се позитивни. Откако се обучија за земање брисеви за брзите тестови, од ноември повторно е надвиснат нов бран на заразени.

– Се обучивме за земањето брисеви за брзите тестови за утврдување ковид-19. Прво бевме двајца на обука, потоа интерно сите се обучивме. Нашиот работен ден почнува од 8 часот, кога е најголемата навалица за тестирање. Се закажува преку Мој термин, тоа го прават матичните лекари.  Ние секој ден работиме по 40 тестови и секој пациент доаѓа на 5 минути. Нема чекање, нема нетрпеливост. Добро е организирано. Во моментов сме 12 лаборанти, од кои 9 лаборанти, двајца дипломирани лабараториски аналитичари и еден хемичар. Сите се обучени да земаат брисови на пунктот. Министерството за здравство ни додели 3.800 брзи теста. Започнавме на 18 ноември минатата година. Досега имаме сработено 1.915 теста. Зачудувачки и загрижувачки е што резултатот е навистина стравичен. Имаме 1.072 позитивни пациенти. Што значи 56 отсто се позитивни пациенти – вели Танеска.

Иако работат професионално, сепак емпатијата допира и до нив. Секој ден се соочуваат со семејни приказни, трауми, психози на пациентите. Ниту колегите не се изземени.

Како што влегува секој пациент, ние сочувствуваме со неговата болка, иако професионалноста е на прво место. Зашто ако премногу сочувствуваме, ние ќе согориме. Секој пациент кога влегува се оправдува. Вели, ништо не ми е, носот само ми тече. Докторката така сакаше. На крајот е позитивен. Едноставно, никој не сака да го прифати фактот дека е позитивен. И разбирливо е. Работиме строго според протоколите. Облекувањето, заштитата, растојанието. Но, и нас не не одмина пандемијата. Од нашите лаборанти, седуммина ја победија битката со коронавирусот. Тогаш, сепак, беше тешко. Она што денес го работиме, тогаш го работевме четворица. Кога се вратија, дури нас нѐ заштитуваа кои го немаме прележано вирусот. Пожртвувани се сите. Еве, може да ја споменам медицинската сестра Каролина. Работеше хумано. Се пријави во Интерното одделение кога беше пикот, кога беше најтешко, но сега се зарази – вели Танеска.

Една е од ретките лабаратории што прави комплетни анализи. Работат со меѓународна контрола и имаат сертификат за врвно достигнување. Имаат одлична соработка со матичните лекари и со Центарот за јавно здравје.

Самоиницијативно работиме во две смени за да им излеземе во пресрет на прилепчани. Една сме од ретките лабаратории што работиме и Д-димери, ЦРП, ЛДХ-испитувања, крвна слика, седиметација. Поспецифични анализи се кои им помагаат на матичните лекари за да ја следат дијагностиката и да даваат правилна терапија – објаснува Танеска.

Танеска ја пренесува пораката на надежта на персоналот при лабараторијата од приелспкиот Здравствен дом.

– Да си помагаме, а така е меѓу персоналот, но и за пациентите. Само сплотени може да го победиме ова зло. Надежта не смее да се загуби – вели Афродита Танеска, лабараториски аналитичар.

Од лабараторијата велат дека чекаат повик за и тие да бидат вакцинирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот