Во Музејот на РСМ е поставена изложбата „Повеќе од зборови – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“

Фотографија: Филип Кондовски

Заокружувајќи ја плодната и успешна година, Музејот на РСМ на 28 декември 2022 година ја отвори завршната изложба „Повеќе од зборови – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“. Изложбата се реализира во чест на креативниот мајстор на фотографијата и неговите фотографски афинитети и светогледи.

– Работата на фотографот и снимател Благоја Дрнков дава значаен придонес кон унапредувањето на музеологијата и етнологијата. Тој оставил ненадминлива колекција фотографии, документирајќи ги сите аспекти на традиционалната материјална и духовна култура, како и народното творештво и применетата уметност во Македонија. Она што го издвојува е неговиот посебен однос кон етнолошката документарна фотографија, која не е само гола регистрација на факти, туку претставува визуелен запис исполнет со експресија, љубопитност и енергија – истакнува Јован Шурбаноски, автор на изложбата.

На изложбата се презентирани 35 фотографии од Благоја Дрнков (1914-2012), направени во периодот од 1953 до 1957 година, коишто се значајни чувари на меморијата како сведоштво за иднината.

Роберт Јанкулоски и Јован Шурбаноски / Фотографија: Филип Кондовски

Фотографиите на овој доајен на етнолошката фотодокументација се врежани во колективната визуелна културна меморија, оставајќи ни многу повеќе од зборови.

– Благоја Дрнков е основоположник на современата македонска фотографија. Тој успеа класичната занаетчиска или документарна фотографија да ја подигне на едно високо естетско ниво и да ја претвори во уметничко дело. До појавата на Дрнков, фотографијата повеќе се третирала како занает, а не како уметност. Иако изложените фотографии биле направени по нарачка на Етнолошкиот музеј во тоа време, сепак, поради приодот, знаењето и мајсторството на Дрнков, тие се уметнички дела – посочи фотографот Роберт Јанкулоски, кој беше промотор на изложбата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 161, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31 декември 2022 – 2 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот