Во Ѓорче Петров се враќа корзото

Во населбата Ѓорче Петров ќе се врати некогашното корзо. Општината планира да изгради мала чаршија со занаетчиски дуќани и кафулиња и амфитеатрална бина во реонскиот парк во Ѓорче Петров. За реализација на проектот веќе започнаа активности на терен.

– Започнаа подготовките за изведба на корзото во паркот, белегот на општината, симболот на ноќниот живот и урбаното живеење во Ѓорче. Во моментов во првата фаза се расчистува теренот, ќе се отстрануваат калдрмата и бетонските елементи од тротоарите, а истовремено ќе се постави и подземна инсталација и ќе се нивелира земјиштето, по што ќе следува подготовка за втората фаза за уредување на просторот – објави градоначалникот Александар Наумоски на својот фејсбук-профил.

Тој наведува дека за првата фаза од изведбата од општинскиот буџет се издвоени околу 6 милиони денари.

– Корзото најдобро го отсликуваше духот на старо Ѓорче. Да им оставиме на идните генерации наследство за кое сега постојат само сеќавања. Да ја вратиме забавата, да го вратиме духот на заедништво – вели Наумоски.

Општина Ѓорче Петров уште минатата година објави Конкурс за избор на идејно решение за шеталиштето, за дизајнирање четири типски монтажни објекти, за дизајн на улични светилки и канделабри и за дизајн на клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња.

Градоначалникот Александар Наумоски враќањето на корзото во Општината го најави и во својата предизборна програма.

„Кафетерии и мали занаетчиски дуќани. Мала чаршија во Ѓорче Петров. Изградба на пешачка зона во паркот, враќање на старото корзо од новиот трговски центар до поранешната кафеана ‘Чешма’. Паралелно ќе се изврши реконструкција и ревитализација на постојните зелени површини. Со враќање на корзото во еден современ вид, ќе го вратиме стариот дух на Ѓорче и граѓаните ќе имаат место каде што ќе можат да се дружат и забавуваат и да се потсетуваат на Ѓорче од старите денови“ – пишуваше во програмата.

Во својата програма Наумоски како рок на изведба на овој проект, чија реализација стартуваше со конкурсот за идејно решение, ја наведува 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот