Во Чифте амам ќе биде отворена изложбата „50 години творештво“ на Ангел Димовски – Чауш

Дело од изложбата на Ангел Димовски – Чауш

Во очекување на Програмата за 2024 година, Националната галерија почнува со првиот вонпрограмски проект и одбележување на педесетгодишното творештво на академскиот скулптор Ангел Димовски – Чауш.

Во објектот Чифте амам, на 1 февруари, во 19.30 часот, ќе биде отворена ретроспективната изложба на Ангел Димовски – Чауш, насловена „50 години творештво“. Македонската јавност ќе има можност да се запознае со богатиот творечки опус на овој наш уметник, кој повеќе децении живее и работи на релација Македонија – Франција.

Делата на Ангел Димовски – Чауш, создадени во текот на изминативе педесет години, имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини.

– На стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како спој на инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок културата. Во таа смисла, скулптурите на Ангел Димовски – Чауш припаѓаат на модернистичко авангардната линија кој исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело-лушпа во активност. Во неговите дела се препознаваат главниот мотив – жената и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни – стои во најавата на изложбата.

Другата целина ја претставуваат сликарско-скулпторски објекти со критичка ангажираност на конкретни актуелни состојби, случувања и процеси во екологијата, политиката, културното наследство, националниот идентитет, сообраќајната (не)култура.

Дело од изложбата на Ангел Димовски – Чауш

Третата целина се омажи за писмото/јазикот, за описменувачите и јазичните кодификатори на старословенската глаголица и кирилица и на современиот македонски јазик, додека четвртата целина е своевиден омаж на т.н. примитивизам на црнечката скулптура споена со сензибилитетот на поп и рок културата, на која ѝ припаѓа уметникот од времето на неговата младост.

Изложбата во Чифте амам ќе биде поставена до 20 февруари. Куратор е Љупчо Маленков, а соработник куратор е Горанчо Ѓорѓиевски, кустос во Националната галерија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот