Внимавајте, циркулираат фалсификувани 50 евра, но и „илјадарки“ денари

Фото: Images Money / Flickr (CC BY 2.0)

Од почетокот на годинава заклучно со 31 јули 2023 година, во Народната банка се регистрирани вкупно 3.020 фалсификувани банкноти, од кои 2.872 фалсификати во денари и 148 фалсификати во странски средства за плаќање.

Кога продавате нешто во странска валута отварајте четири очи. Се појавуваат фалс банкноти од 50 евра. Ако пак ви дадат 1.000 денари во поголема количина проверете ја нивната исправност. Од денарите популарната илјадарка е „најфалсификувана“. Од почетокот на годинава заклучно со 31 јули 2023 година, во Народната банка се регистрирани вкупно 3.020 фалсификувани банкноти, од кои 2.872 фалсификати во денари и 148 фалсификати во странски средства за плаќање. Од Министерството за внатрешни работи за Слободен печат велат дека од почетокот на годинава до сега на територијата на државата регистрирани се вкупно 10 кривични дела „фалсификување пари“. Меѓу нив предничи Куманово, после се Скопје, Велес и Штип. Во Народна банка објаснуваат дека од вкупно регистрираните странски пари кои се појавиле како фалс најмногу биле евра.

– Од 148 фалсификувани странски средства за плаќање, 88 парчиња се фалсификати деноминирани во евра, а 52 парчиња фалсификати деноминирани во долари. Останатите валути се симболично застапени. Во овој временски период најзастапен е фалсификатот со апоенска вредност од 1.000 денари, а од странските валути апоенот од 50 евра. Вредноста на фалсификуваните банкноти зависи од количината на регистрираните фалсификати од секој апоен- велат во Народна банка.

Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Од таму објаснуваат дека согласно со важечката регулатива и Одлуката за утврдување на постапката за откривање и повлекување фалсификувани пари („Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/11,) Народната банка врши експертизи на сите доставени сомнителни банкноти, додека МВР е надлежно за истражните постапки поврзани со фалсификувањето. Според постоечката регулатива Народната банка нема надлежност да изрекува казни. Така доколку се утврдат сомнителни банкноти, финансиската институција, банка или менувачница е должна да ги задржи сомнителните примероци и на лицето од кое се одземени, да му издаде потврда со напомена дека постои сомнеж за фалсификат.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека годинава на територијата на државата регистрирани се вкупно 10 кривични дела „фалсификување пари“, најмногу на подрачјето на СВР Куманово – три, потоа по две на подрачјата на СВР Скопје и СВР Велес, како и по едно кривично дело на подрачјата на СВР Битола, СВР Тетово и СВР Штип. По преземени мерки и активности кривично се пријавени 11 сторители.

Во случај фалсот да помине и во менувачница или во банка, дури и во продавница и не се открие сомнителниот примерок, тој може да се утврди во Народната банка. Во сите случаи на откриени сомнителни книжни и ковани пари се составува записник.Потоа се испраќаат на стручна експертиза во Народната банка. Експертизата има за цел да утврди дали во конкретниот случај се работи за фалсификат начинот на изработка на фалсификатот, како и заштитните елементи на хартијата на која е изработена фалсификуваната банкнота, односно елементите на легурата на фалсификуваните ковани пари.

Фото: МВР

 

– Доколку се утврди дека прикажаните сомнителни примероци се оригинални, тие се враќаат на доставувачите на сомнителните примероци на пари, заедно со извештајот од извршената експертиза- стои во Одлуката.

Народната банка ги одзема сомнителните книжни или ковани пари коишто се доставени за експертиза, а за кои ќе се утврди дека се фалсификувани пари. Овде се води евиденција за фалсификатите на пари кои се чуваат во Дирекцијата за трезорско работење при НБРМ. Примерок од записникот за примање и утврдување на фалсификати, како и извештајот за извршената експертиза се доставува и до МВР. По завршувањето на судската постапка за кривичното дело фалсификување пари, сите приложени фалсификувани примероци се враќаат во Народната банка, непосредно од судот или преку МВР.

Во случај на појава на нов тип фалсификат, Народната банка во договор со МВР решава за тоа дали, кому и на кој начин се даваат потребните известувања за појава на таков фалсификат. Фалсификуваните пари деноминирани во денари или странска валута може да им бидат доставени и на меѓународни институции, по нивно барање, а во согласност со преземените меѓународни обврски.

Во една постапка запленети 4.020 евра фалс

Во рамки на реализираните кривични дела покарактеристичен е случајот на подрачјето на СВР Тетово, во кој беа запленети фалсификувани банкноти во вкупен износ од 4.020 евра, во апоени од по 50 и 20 евра, како и 300 швајцарски франци во апоени од 100 и 50 франци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот